Најкраткиот тест за интелигенција во светот има само три прашања, но малкумина успеваат точно да ги решат.
Станува збор за „Cognitive Reflection Test“, осмислен во 2005 година од психологот Шејн Фредерик, денес професор на „Yale School of Management“. Иако тестот постои речиси две децении, во последните месеци повторно стана популарен на социјалните мрежи, особено на Тикток.
Целта на тестот не е да го мери општото знаење, туку способноста на поединецот да ја сопре првата, интуитивна реакција и да размисли подлабоко пред да даде одговор. Прашањата се осмислени така што нудат привидно очигледен, но неточен одговор.
Помалку од 20 отсто ги решаваат сите три прашања
Истражувањата спроведени во изминатите години покажуваат дека помалку од 20 проценти од испитаниците точно одговараат на сите три прашања. Во првичното истражување биле опфатени 3.428 студенти од престижни универзитети како „Massachusetts Institute of Technology“, „Princeton University“ и „Harvard University“. Резултатите биле објавени во списанието Journal of Economic Perspectives и покажале дека само 17 проценти дале три точни одговори.
Подоцнежна студија од 2011 година, објавена во списанието „Memory & Cognition“, покажала уште послаби резултати – само 6,6 проценти од 346 студенти во САД и Канада ги решиле сите задачи точно. Од друга страна, истражување објавено во 2016 година во списанието „Judgment and Decision Making“, спроведено од професорот Мохамад Нури (Mohammad Noori), покажало дека 41,3 проценти од 395 ирански студенти одговориле точно на сите прашања.
Трите прашања
Првото прашање се однесува на цена на палка и топче кои заедно чинат 1,10 долари, при што палката е за еден долар поскапа од топчето. Повеќето луѓе одговараат дека топчето чини 0,10 долари, но точниот одговор е 0,05 долари.
Второто прашање гласи: ако на пет машини им се потребни пет минути за да произведат пет производи, колку време им треба на 100 машини за да произведат 100 производи? Мнозинството одговара 100 минути, но точниот одговор е пет минути, бидејќи машините работат истовремено.
Третото прашање се однесува на водени лилјани што секој ден ја удвојуваат површината на езеро. Ако за целосно покривање се потребни 48 дена, половина од езерото е покриено на 47-от ден, а не на 24-от како што многумина претпоставуваат.
Расправи на општествените мрежи
Тестот повторно стана популарен по вирално видео на Тикток, кое собра милиони прегледи и предизвика бројни расправи. Некои корисници самоуверено тврдеа дека одговорите се очигледни, додека други укажуваа на логичките грешки во размислувањето.
Без разлика дали тестот ви изгледа едноставен или измамливо тежок, неговата суштина е јасна: способноста да се надмине првиот инстинкт и да се вклучи аналитичко размислување е она што ги издвојува оние што ги решаваат сите три прашања од мнозинството.










