Британката Изабел Роуз била уапсена во Јапонија откако се обидела преку пошта да нарача кетамин во вредност од околу 170 евра. Таа поминала пет месеци во затвор во Осака чекајќи судење, но за разлика од она што би се очекувало, 26-годишничката искуството го опишала како исцелувачко и клучно за нејзиното закрепнување од зависност.
Борба со зависност и апсење
Изабел, попозната како Изи, во Лондон со години се борела со зависноста од дроги. Верувала дека промената на средината и преселбата во Токио ќе ѝ помогне, но набргу се соочила со симптомите на одвикнување. „Користењето на дрогите ми стана сосема нормално. Не бев свесна дека сум зависница, само мислев дека сите го прават тоа“, раскажала таа. „Знаев дека сум на лош пат и не сакав да останам во Лондон бидејќи таму само ќе продолжев да земам кетамин“, додала Изи.

Меѓутоа нејзината зависност ја следела. „Очигледно зависноста не познава граници, па штом слетав Јапонија го повикав пријателот и му побарав дрога“, рекла таа. Пријателот ѝ предложил кетаминот да ѝ биде испратен во хотелот во Осака каде што требала да престојува. Пакетот го пресретнале јапонските цариници, а Изи била уапсена во хотелот.
Искуството што ѝ го сменило животот
Додека го чекала судењето, Изи поминала пет месеци во притворски центар. Тој период го опишала како пресвртница. „Тоа ме излекува. Ми требаше тоа време, далеку од сè што ми беше познато. Ми требаше таа шлаканица од реалноста. Морав да се соочам со последиците од своите постапки и многу ми е мило што го направив тоа“, објаснила Изабел.

Иако очекувала затворска казна подолга од две години, по судењето добила четири годишна условна казна и ѝ било дозволено да се врати дома. За време поминато во притвор рекла: „Беше многу изолирачки. Го опишувам како најтрауматично, но истовремено и најдоброто нешто што некогаш ми се случило“.
Изи додала дека никогаш претходно не се сретнала со таква дисциплина и рутина. „Ти ја одземаат сета човечност. Не ја гледав сончевата светлина не вдишував свеж воздух. Навистина се чувствував како аутсајдер. Пред тоа бев малку привилегирана, па влегувањето во таква средина беше целосен шок“, истакнала таа.
Повик за подобра едукација за дроги
По враќањето во Велика Британија во септември 2025 година, Изи се чувствувала „преродена“. Таа пронашла помош во групи за поддршка и сега се залага за подобра едукација за штетите од злоупотребата на дрога. „Сакам да видам што можеме да направиме во нашата земја за да им помогнеме на луѓе како мене. Се соочуваме со криза тука во Велика Британија. Ова е полошо од епидемијата на хероин и нѝ треба повеќе едукација за тоа“, предупредила Роуз.

На крајот истакнала дека зависноста не избира. „Може да ви се прикраде и воопшто не е нешто од што треба да се срамите. Тоа е тема за која треба отворено да разговараме“, изјавила Изи.










