Писмо рачно напишано од кралицата Елизабета Втора како дете, ќе биде понудено на аукција во Пеншурст, во Југоисточна Англија, и се очекува да достигне цена до 4.000 фунти (4.680 евра).
Писмото адресирано до Беатрис Стилман, главна домаќинка во Кралската ложа во Виндзор, содржи цртежи од кучиња, коњи и деца, како и прашање дали „птиците се добро и дали златните рипки не умреле“, објавува Би-би-си.
Напишано е додека тогашната принцеза Елизабета престојувала во Пра Сендс во Корнвол, помеѓу 1936 и 1940 година, кога имала помеѓу 10 и 12 години, објави аукциската куќа „Хенсанс Окшенирс“.

Џастин Метјуз, од аукциската куќа што го продава писмото во Пеншурст, рече дека во 27 години работа никогаш не видел нешто толку убаво.
Во писмото, кое ќе биде понудено на продажба на 27 февруари, се споменуваат и јаглики што покојната кралица ги набрала и побарала да им се поделат на вработените во Кралската ложа.
Документот е едно од неколкуте писма пронајдени и адресирани до Беатрис Стилман, поранешната главна домаќинка во Кралската ложа.
Во друго писмо, принцезата Маргарет ја замолила Стилман да се грижи за нејзиниот костим за капење.
Откако Џон Дикер, зет на Стилман, бил убиен во воздушен напад во 1940 година, покојната британска кралица ги поканила неговата вдовица, сестрата на Стилман, и нивните две ќерки, Рене и Џин, да си играат со принцезите во Кралската ложа.
Архивата со писма била пронајдена во 2024 година од Вилијам Вестакот, син на Џин Дикер, во куфер под креветот на неговата мајка по нејзината смрт.

Тој рекол дека неговата тетка Рене со радост се сеќава на средбата со кралското семејство и играњето во големата куќа во градината на Кралската ложа.
„Знаевме дека писмата постојат, но нивното читање во живо беше навистина посебен момент на возбуда“, рекол Вестакот.








