150 години телефон: Зошто луѓето повеќе не сакат да телефонираат?

Точка

14/02/2026

17:29

452

Големина на фонт

а а а

Во 1876 година, Александар Греам Бел го направил првиот телефонски повик – револуција во тоа време. А денес? Многу луѓе претпочитаат да комуницираат по писмен пат. Дали телефонската комуникација изумира?

„Г-дине Вотсон, дојдете тука, сакам да разговарам со вас.“

Со овие зборови Александар Греам Бел ја револуционизираше комуникацијата. Тоа беа првите зборови што биле разбирливо пренесени на далечина – првиот телефонски повик. На 14 февруари 1876 година, Бел поднесе патент за својот изум и со тоа го означи подемот на говорната комуникација како најважна форма на меѓучовечко поврзување.

Комуникацијата на далечина во реално време ги воодушевила оние што првпат ја доживеале. „Чудесен изум“, напиша весникот „Wichita City Eagle“ од Канзас во 1877 година. Тие опишаа како публиката возбудено аплаудирала за време на демонстрацијата на телефонот.

Многу начини на комуникација, нови преференции

Иако требало да поминат уште неколку децении пред телефонот да стане дел од секојдневниот живот, денес е полесно од кога било да се јавите некому. Благодарение на мобилните телефони, може да се разговара и додека се шета, вози автомобил или дури и кога сме во тоалет – речиси и да нема ограничувања кога и каде можеме да телефонираме. Па сепак, за многумина тоа веќе не е омилениот начин на комуникација како што некогаш бил.

Од мејлови, преку обични СМС-пораки, до апликации за пораки од трети понудувачи и социјални мрежи - начините на комуникација се намножија, а преференциите очигледно се менуваат – сè повеќе се претпочитаат текстуални пораки и размена на пораки.

Според меѓународната анкета на YouGov од декември 2023 година, текстуалните пораки се најпопуларниот метод за лична комуникација. 40 проценти од испитаниците изјавиле дека ги сметаат за свој прв избор. На второ место се мобилните телефонски разговори со 29 проценти, додека разговорите преку фиксна линија изнесуваат само 3 проценти.

Овие преференции изгледа се делат долж генерациски линии: помладите се оддалечуваат од телефонот како нивен прв избор за комуникација. Истата анкета покажа дека највисоката преференција за текстуални пораки е кај испитаниците на возраст од 18 до 24 години, додека највисоката преференција за телефонски разговори — и мобилни и фиксни — е кај испитаниците на возраст од 55 години и постари.

„Нема генерација“

Оваа наклонетост кон писмените пораки доведе до тоа генерацијата Z (а понекогаш и милениумците) да биде нарекувана „нема генерација“.

„Особено помладите се навикнати голем дел од нашата комуникација да се одвива преку текстуални или гласовни пораки,“ објаснува Леа Уц, млада „милениумка“. Таа го води германскиот поткаст „Telephobia“, во кој им помага на луѓе од сите возрасти да водат особено тешки и емотивни телефонски разговори.

Младите пораснаа со поинакви форми на комуникација. Навикнати се да размислуваат за изборот на зборови и емоџиња, да бришат или уредуваат веќе испратени пораки и сами да одлучат кога ќе ја прочитаат или дури ќе ја примат пораката од друг човек.

„Луѓето кои пораснаа со ваков тип комуникација го имаат тоа многу поинаку внатрешно усвоено од постарите лица,“ вели Уц во разговор за ДВ.

За младите, ненадеен повик може да изгледа дури и како невоспитаност, како себично зафаќање на времето на оној што се повикува. Тоа можеби е причината зошто една британска анкета на Uswitch од април 2024 година покажа дека 68 проценти од лицата на возраст од 18 до 34 години претпочитаат однапред договорени телефонски повици.

„Кога испраќате текстуална порака, повеќе го пренесувате чувството: ‘Можеш да одговориш кога тебе ти одговара, не сакам да те вознемирувам, можеби сега не ти е згодно’“, објаснува Уц.

Непријатен повик?

Но, иако постарите луѓе повеќе имаат тенденција да остваруваат телефонски повици, тие сепак однапред може да се чувствуваат нелагодно при самата помисла на тоа.

Амит Кумар е вонреден професор по маркетинг, психологија и неврологија на Универзитетот во Делавер. Тој истражува какви очекувања имаат луѓето од телефонските разговори и како разговорот навистина се одвива во споредба со тие очекувања.

Во повеќе студии открил дека луѓето очекуваат дека телефонските разговори ќе бидат понепријатни од текстуалните пораки. И тоа важи за луѓе од сите генерации.

„Нашите сознанија укажуваат дека нема значајни разлики во однос на возраста на испитаниците,“ изјави тој за ДВ. Сепак, потребни се дополнителни истражувања што би се занимавале конкретно со прашањето на возраста.

За важни прилики, телефонскиот повик сè уште е омилен

И покрај оваа нелагодност, луѓето — вклучително и младите — сè уште сакаат за одредени работи да бидат информирани по телефон. Анкетата на „USwitch“ покажа дека 53 проценти од испитаниците на возраст од 18 до 24 години би се почувствувале навредени доколку не добијат телефонски повик по повод радосни или важни настани, како свршувачка или раѓање.

Но, може да станува збор и за тешки теми за кои луѓето би сакале да разговараат по телефон, наместо преку пораки — откако ќе ги надминат своите резерви кон телефонските разговори.

Протагонистите во подкастот на Леа Уц остваруваат повици за многу интимни и лични прашања: од соочување со насилник од нивното детство, преку разговори со одамна изгубени членови на семејството, до контактирање со возач кој предизвикал тежок сообраќаен инцидент. „Мислам дека повикувачите често добро знаат дека ова не е нешто што, на пример, може да се расчисти во чет“, вели таа.


За Уц, телефонскиот повик е „sweet spot“ (се употребува во преносна смисла за оптимална сфера или оптимална точка) помеѓу емоционална поврзаност и безбедна дистанца. „Тоа е многу личен контакт, но во исто време емоционално не е толку обврзувачки како средба во живо.“

Гласот како поврзувачки елемент

А кога станува збор за градење односи, телефонскиот разговор нуди повеќе од текстуалната комуникација. „Откривме дека луѓето навистина создаваат многу посилни врски кога комуницираат преку телефон“, вели Кумар, повикувајќи се на своите студии.

Луѓето, всушност, не доживуваат телефонски разговор како понепријатен од текстуалната комуникација. „Тоа само се замислува дека е така. Мислиме дека ќе биде некако чудно да се зборува со некого по телефон“, објаснува тој. „Но, кога навистина ќе разговарате со некого со глас, се чувствувате посилно поврзани.“

Интересно е што Кумаровите истражувања покажале дека видео-повиците не создаваат посилни врски од гласовните повици. Значи, поврзувачката сила и понатаму лежи — во гласот.