Ова е најтрагичната љубовна приказна на СФРЈ: 35 години по неговата смрт таа и понатаму му пишува писма

Точка

14/02/2026

13:04

1.397

Големина на фонт

а а а

Љубовта ги движи луѓето, а се чини дека ретки се оние љубови што живеат и по смртта. Сепак, пејачката Јосипа Лисац доживеа една таква, која е достојна за восхит, а на некој начин стана бесмртна. Јосипа Лисац и Карло Метикош ја имаа најсреќната и најтажната љубовна приказна – се сретнаа, се заљубија на прв поглед и не се разделија додека не ги раздели трагичен настан.

Како што често опишуваа, од првиот момент кога се сретнале и се погледнале знаеле дека тоа е вистинското и дека ќе останат заедно засекогаш. Сè започнало во 1971 година. Карло Метикош бил популарен југословенски рок и поп-музичар кој својата кариера ја започнал во Франција под името Мет Колинс. Пред да ја запознае оваа југословенска рок-дива патувал низ светот и градел голема кариера.

Бил миленик на жените ширум светот, кои лудувале по него. Како што тогаш пишувале медиумите, бил на околу 20 свршувачки со грофици, манекенки, стјуардеси и други атрактивни дами. Во тоа време Јосипа Лисац била на почетокот од својата кариера, која почнала да ја гради во 1968 година, кога започнала да ја пишува историјата на музичката сцена на поранешна Југославија.


„Кога се вратив во Загреб, сфатив дека музичката сцена се променила. Дојдоа други луѓе, групи имаше како печурки по дожд, воопшто не знаев кој, што... Но, некако се вклопив, имав свирки и еднаш отидов во Петриња, ја сретнав Јосипа Лисац, нашите погледи се сретнаа – како во приказна, и оттогаш повеќе не се разделивме“, раскажал еднаш Карло, па опишал:

„Од 1971 година бев воодушевен и од нејзиното пеење и од начинот на кој се однесуваше. Потоа се заљубив до уши. Од Петриња со автобус тргнавме за Загреб, седнав покрај неа, ги испуштав своите позитивни вибрации и таму малку се запознававме. Јосипа подоцна ми призна дека, како девојче, одела да види каде живеам затоа што погрешно ѝ рекле дека живеам на Улица Моше Пијаде. Се возела со трамвај и гледала во нечии прозорци, мислејќи дека се мои! Првата плоча што Јосипа ја купила во животот била плоча од Мет Колинс! Судбина“, открил тој.

Својата љубов и чистите емоции ги овековечиле со албумот „Dnevnik jedne ljubavi“, кој го издале во 1973 година. Музиката што ја создаваа беше нивен завет, а „Dnevnik jedne ljubavi“ била плоча што ја направиле првенствено за нив двајца. Преку љубовните песни што се нашле на неа сакале да ја изразат својата силна љубов и на единствен начин да ја раскажат својата љубовна приказна.

Јосипа раскажуваше како нивната љубов била толку голема што никогаш во лутина не си изговориле еден на друг грд збор.

„Никогаш не разговаравме на оној монструозен начин како што денес ги слушам луѓето да разговараат. Никогаш не се опцувме еден со друг или да треснеме со вратата. Што имавме да кажеме, го кажувавме веднаш, не остававме за подоцна. Сè решававме со разговор. Кога некој од нас ќе беше нерасположен или под стрес, другиот го креваше, така се менувавме и функциониравме“, рекла пејачката.

Карло почина во 1991 година од последици на инфаркт. Јосипа тешко го поднела неговото заминување, но сè уште не го преболела, ниту нејзината љубов згаснала. Својата тага ја носи како обележје, оживувајќи ја заедно со љубовта во секое писмо што и понатаму му го пишува, во секоја песна и на секој концерт.


„Не го сакам зборот ‘сеќавање‘, затоа што сите наши заеднички моменти, слики и состојби ги носам во себе постојано. И не само што се во мене, јас ги пренесувам понатаму. А нашата љубов сè уште е тука и нејзиното присуство постојано ме облагородува“, рекла еднаш Јосипа.

Иако биле животни партнери, Јосипа и Карло никогаш не се венчале.

„Затоа што во бракот се губи идентитетот, не би можела да поднесам некој да ме нарече своја жена. За Карло никогаш не бев негова жена, само Јосипа“, објаснила своевремено за „Story“.