Во брак е речиси 70 години: Денес вели дека правилото број 1 за долг и среќен живот всушност е многу едноставно

Точка

05/03/2026

19:00

731

Големина на фонт

а а а

Розалин Енгелман имала само 15 години кога го запознала својот иден сопруг Ирвин. Тоа било далечната 1953 година.

Се запознале благодарение на заеднички пријател кој ги запознал. Кога Ирвин, тогаш деветнаесетгодишник, дошол по неа пред семејната куќа во Бронкс, веднаш оставил силен впечаток, пренесе „CNBC“.

Како што се потсетила, дотогаш никогаш не излегувала со некој како високиот, темнокос и елегантен млад маж во темносин костум кој се појавил на нејзината врата со актовка во раката.

„Изгледаше како филмска ѕвезда“, рекла Розалин. 

Таа вечер ја одвел во кино, а потоа и на милкшејк. До крајот на вечерта веќе се заљубиле еден во друг. По три години врска одлучиле да се венчаат, а бракот го склучиле во ноември 1956 година.

Во текот на речиси седум децении заеднички живот добиле две ќерки, поминале низ тешки здравствени проблеми кои им го загрозувале животот, патувале низ целиот свет и изградиле успешни кариери.


Ирвин работел како финансиски директор во големи компании, меѓу кои и „Xerox“, додека Розалин изградила кариера како сликарка и уметница која работи во различни техники. Нејзините дела биле изложувани во галерии ширум светот.

Денес живеат во домот за асистирано живеење „Apsley“ на Менхетен.

За паровите кои сакаат да знаат како може да останат заедно со партнерот со децении, Розалин има многу едноставен совет.

Суштината е во една работа: обидете се да ја разберете другата личност.

Според неа, токму разбирањето на партнерот е најважно за долг и стабилен однос. Тоа може да се покаже на многу начини.

Ако вашиот партнер, на пример, понекогаш ја става работата на прво место, обидете се да ја согледате ситуацијата од негова перспектива. Розалин истакнала дека никогаш не му замерила на сопругот што многу работел и бил посветен на кариерата.

„Никогаш не му замерив за времето што го поминуваше работејќи“, вели таа. „А мислам дека ни тој не ми замеруваше што јас често бев целата во бои додека сликав“, додала Розалин.


Важно е и да се покаже интерес за она што партнерот го сака. Ирвин, на пример, повеќе ја сакал операта, па и таа научила да ужива во опера. Од друга страна, таа отсекогаш ја сакала класичната музика, па со текот на времето и тој ја засакал таа музика.

Разбирањето, како што рекла, значи и да знаеш да простиш ситни грешки и незгоди кои се дел од секојдневниот живот.

Се потсетила и на една ситуација од почетокот на нивниот брак, кога првпат се обидела да им подготви вечера. На менито имало прокељ, виршли и пченка, но вечерата не испаднала баш како што планирала.

Прокељот бил тврд како гума. Ирвин не се налутил. Наместо тоа, почнале да се смеат, а потоа излегле надвор и отишле на пица.

Токму таквиот вид меѓусебно разбирање, како што истакнала може да ја одржи врската силна и по многу години.