Едноставна промена во утринската рутина би можела долгорочно позитивно да влијае на здравјето, тврди здравствениот експерт Гери Бречка. Гостувајќи во поткастот „The Diary of a CEO“, тој објасни дека денот го започнува со чаша минерализирана вода во која додава мала количина природна морска сол, пишува „The Mirror“.
Според неговите зборови, станува збор за вода во која се додава прстофат квалитетна морска сол, како келтска или т.н. „Baja Gold“ сол. Бречка нагласува дека не мисли на обична кујнска сол, туку на природни видови сол богати со минерали во трагови.

Причината за ваквата практика, вели тој, лежи во фактот дека голем број луѓе имаат недостаток на важни микроминерали како бор, манган, молибден и селен. Природните морски соли содржат десетици вакви елементи во трагови, кои имаат важна улога во рамнотежата на електролитите, хидратацијата на организмот и правилното функционирање на клетките.

Минерали во трагови
На пример, келтската морска сол содржи повеќе од 80 минерали во трагови, а истражувањата објавени во научното списание „Journal of Trace Elements in Medicine and Biology“ ги поврзуваат ваквите минерали со поддршка на здравјето на кардиоваскуларниот систем, функцијата на нервниот систем и намалување на хроничните воспалителни процеси во организмот.

Бречка предупредува дека обичната кујнска сол во голема мера се состои од натриум хлорид и не ги содржи повеќето корисни минерали што се наоѓаат во природните морски соли. Поради тоа препорачува во секојдневната исхрана, кога и да е можно, да се избираат поприродни извори на минерали. Понекогаш како алтернатива се споменува и хималајската розева сол, но некои понови истражувања предупредуваат дека одредени производи на пазарот можат да содржат траги од тешки метали, во зависност од начинот на експлоатација и потеклото на солта.

Додавањето мала количина морска сол богата со минерали во утринската чаша вода, наведуваат поединечни истражувања објавени во „American Journal of Clinical Nutrition“, може да помогне во надоместувањето на електролитите изгубени во текот на ноќта, да ја поддржи рамнотежата на течностите во организмот и да придонесе за поефикасна хидратација.










