Експерти од руската Воено-медицинска академија „С. М. Киров“ патентираа нов метод за отстранување шрапнели од срцевиот мускул без запирање на работата на срцето и без употреба на апарат за вештачка циркулација, пренесе ТАСС.
Како што се наведува во описот на патентот, новата техника претставува алтернатива на традиционалните операции кои бараат запирање на срцето, приклучување на пациентот на апарат за вештачка циркулација, примена на хепарин и долго закрепнување.
Методата подразбира хируршки пристап до срцето преку стернотомија или торакотомија, по што се отвора перикардот и се врши детален преглед на срцето и крвните садови за да се утврди положбата на туѓото тело.
Во случај на површински лоцирани шрапнели, нивната прецизна локализација се обезбедува со помош на посебен магнет сместен во силиконска цевка, додека кај подлабоко позиционираните фрагменти се користи интраоперативна рендгенска контрола.

По лоцирањето, дел од срцевиот мускул се стабилизира со вакуумски стабилизатор, а за да се спречи крвавење се поставува привремен конец.
Потоа се прави рез на миокардот над шрапнелот, кој се отстранува со помош на магнет.
По отстранувањето на туѓото тело, раната се третира со антисептик, рабовите се затвораат со претходно поставениот конец и се обезбедува запирање на крвавењето, а потоа хируршките слоеви се зашиваат.
Авторите наведуваат дека со оваа метода веќе биле изведени две операции, со уреден постоперативен тек.
Се истакнува дека новата техника овозможува скратување на времетраењето на операцијата, намалување на загубата на крв и на постоперативната болка, како и избегнување дополнителни трошоци за лекување.






