Ако некогаш сте се прашале како би можел да изгледа електричниот М5, овој пакет приспособен за моделот i5 јасно покажува во кој правец би требало да оди „BMW“.
Дискретно, но доволно агресивно
Пакетот е претставен на помоќната верзија М60, но е компатибилен и со останатите изведби, вклучително и попрактичниот "i5 Touring".
Предниот браник сега е поагресивен со доработени детали. Страничните прагови визуелно го спуштаат автомобилот, додека задниот спојлер на капакот на багажникот изгледа како фабрички додаток од каталогот „M Performance“. Кровниот спојлер дополнително го засилува спортскиот впечаток.
Тјунерот нуди сопствени 21-инчни бандажи во црна или сребрена изведба, со можност и за двобојна комбинација. За оние што сакаат поголема удобност достапни се помали 19-или 20-инчни варијанти, на кои се монтираат пошироки гуми.
Суспензијата е спуштена за 25 милиметри, со што лимузината добива поагресивен став и потенцијално попрецизно управување. Опционалните дистанцери го прошируваат трагот на тркалата за 20 милиметри напред и назад.
Станува збор за доработки кои се забележливи, но не ја преминуваат границата на добриот вкус.

Нема зголемување на моќноста, но има став
За разлика од класичните бензински модели, кај електричниот i5 нема зголемување на моќноста. Тјунерот се фокусирал на визуелниот впечаток и динамиката на возење.
Да потсетиме, варијантата "М60 xDrive" ја придвижуваат два електромотори со вкупно 600 коњски сили и 820 Nm. До 100 km/h стигнува за 3,8 секунди, максималната брзина е 230 km/h, а автономијата изнесува 516 километри.
За бензинските и дизел верзии на Серија 5, „AC Schnitzer“ и понатаму нуди софтверски и механички надградби на моќноста, а подготвен е да го доработи и актуелниот М5 со V8 мотор (G90/G99).

А цените
Кога станува збор за трошоците за доработки кај i5, повеќето компоненти се делат со стандардната Серија 5. Предниот сплитер чини 1.290 евра, додека за страничните прагови се бараат 840 евра. Кровниот спојлер чини 490 евра, а суптилниот заден спојлер дополнителни 540 евра.
Најголемата инвестиција се однесува на бандажите, чија цена, зависно од избраната спецификација, може да достигне и до 5.390 евра. Во понудата има и дистанцери, како и сет спортски пружини, кои се продаваат по околу петстотини евра.














