Бизарна приказна на „златниот“ пар: Заедно се краток период, а зад сè се кријат сексуално насилство и контроверзии

Точка

12/02/2026

13:01

1.186

Големина на фонт

а а а

Француските лизгачи Лоренс Фурние Бодри и Гијом Сизерон го освоија златниот медал во уметничко лизгање (танцови парови) на Зимските олимписки игри во Милано.

Фурние Бодри и Сизерон стигнале до златото иако заедно лизгаат нешто повеќе од една година. Тие победиле со 225,82 поени пред трикратните светски шампиони, Американките Медисон Чок и Еван Бејтс (224,39 поени) и Канаѓаните, Пајпер Жил и Пол Поарје (217,74).



Сепак, зад нивниот успех стои контроверзна приказна, пишува „24ur.com“. Лоренс е Канаѓанка која со години лизгала со својот партнер Данецот Николај Соренсен, но во 2024 година бил обвинет за сексуален напад и суспендиран на шест години.


Соренсен ги нарекол обвинувањата лажни. Неговата девојка неколку пати јавно го поддржала и изразила верување во неговата невиност, но на крајот побарала нов партнер за да продолжи да настапува, па ги здружила силите со Французинот Сизерон.


Инаку Сизерон има освоено злато со Габриела Пападакис на последните Игри во Пекинг.


Се плашела да биде со него

Меѓутоа пред нешто повеќе од еден месец, Пападакис објавила книга наречена „Да не исчезнеш“, во која подетално зборувала за своето искуство во светот на уметничкото лизгање. Таа го опишала својот поранешен партнер за танцување како контролирачки и изискателен. Признала дека се чувствувала беспомошно во неговиот стисок и дека често се плашела да биде сама со него.


„Додека бев во подредена позиција, а тој беше водач, сè одеше добро. Но, кога сакав да бидам рамноправна, почнаа да се појавуваат сè повеќе проблеми во односот“, изјавила Пападакис во интервју за францускиот „Л’Екип“.

Сизерон ги нарекол нејзините обвинувања клевета и ширење лажни информации и покренал судска постапка против неговата поранешна партнерка на мраз.


Поради нејзините зборови против Сизерон, поранешната лизгачка ја изгубила и работата како професионална коментаторка на американската телевизиска мрежа „NBC“. Како што објаснија, оваа одлука била донесена затоа што не сакале нејзиното мислење за Сизерон да влијае на неутралноста на спортските коментари.