Американската скијачка Линдзи Вон (41) се огласи на социјалните мрежи по третата операција на коленото, која следуваше по морничавиот пад на спуст на Зимските олимписки игри.
Вон беше една од главните ѕвезди на Игрите во Италија и јавноста со нетрпение го очекуваше нејзиниот настап, но тој заврши несреќно.
Имено, неколку дена пред почетокот на Игрите, Линдзи се здоби со сериозна повреда и многумина ја советуваа да се повлече од натпреварувањето, но таа реши да даде сè од себе и да настапи.

Сепак, нејзиниот настап заврши со тежок пад, по што Американката веднаш беше пренесена во болница каде што беше подложена на операција, потоа и на втора, а сега и на трета хируршка интервенција.
Линдзи веднаш по последната операција се огласи на социјалната мрежа Инстаграм.

„Денес имав трета операција и таа беше успешна. Успехот денес има сосема поинакво значење отколку пред неколку дена. Напредувам и, иако процесот е бавен, знам дека ќе бидам добро. Благодарна сум на сите неверојатни медицински работници, пријателите и членовите на семејството кои беа покрај мене, како и на огромната љубов и поддршка од луѓето ширум светот.
Исто така, големи честитки до моите соиграчи и сите спортисти од репрезентацијата на Соединетите Американски Држави кои ме инспирираат и ми даваат нешто за кое можам да навивам“, порача Вон.







