[ФОТО] Се шири луда теорија за отворањето на ЗОИ-2026: „Сатански симболи се скриени во олимпискиот факел“

Точка

07/02/2026

18:20

796

Големина на фонт

а а а

Свеченото отворање на Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026 стана тема на вирални дебати на социјалните мрежи, каде што се проширија тврдења за наводна сатанска симболика.

Во центарот на обвинувањата се најде дизајнот на олимпискиот факел кој некои корисници на социјалните мрежи го протолкуваа како „обратен пентаграм“, како и одредени уметнички елементи од церемонијата што ги опишаа како „окултен ритуал“.

Но, достапните информации упатуваат дека станува збор за толкувања засновани на впечаток и визуелни нагаѓања, а не на документирана намера на дизајнерите.

Церемонијата на отворањето се одржа на 6 февруари на стадионот Сан Сиро во Милано, со поврзани настани и на алпските локации, што и официјално беше најавувано како дел од поширок концепт на отворањето.

Во текот на вечерта беа запалени два олимписки факели — еден во Милано и еден во Кортина д’Ампецо — што организаторот го претстави како симболично поврзување на домаќините, а во официјалните материјали се истакнува дека првпат два пламена се палат (и се гасат) истовремено на две различни локации на Игрите.


Откаде потекнуваат тврдењата за сатанистичка симболика?

Дел од критичарите се фокусираа на краткотрајни геометриски форми што можат да се видат додека факелот се отвора и затвора. Бидејќи станува збор за кинетичка конструкција што се шири и се собира, од одредени агли се појавуваат ѕвездести шари, кои дел од публиката ги протолкува како пентаграм.


Во ваквите расправи често се прескокнува поширокиот историски контекст, затоа што пентаграмот не е исклучиво, ниту изворно сатански симбол, туку низ историјата имал различни значења и се појавувал во различни традиции. Во овој случај нема официјални индиции дека дизајнот требало да пренесува окултна или религиозна порака.



Факелот го дизајнирал човек со хрватско потекло

Според официјалните објави на организаторот и придружните материјали, факелот го дизајнирал Марко Балич во партнерство со „Fincantieri“.


Балич е италијански креативен директор и извршен продуцент, специјализиран за големи свечености, особено олимписките церемонии на отворање и затворање. Роден е во Венеција и влече корени од Сплит, а во интервјуа често истакнува дека неговото семејство е длабоко поврзано со тие два града.

Тој е креативен раководител на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026 и клучна фигура зад дизајнот и концепцијата на факелот и другите сценски елементи на настанот.


Балич во текот на кариерата работел на најмалку 16 олимписки церемонии, вклучувајќи ги и оние на зимските и летните Игри, со што држи рекорд меѓу дизајнерите во оваа област (во 2006 година добил „Еми“ награда за својата работа на Олимписките игри). Тој е основач и претседател на „Balich Wonder Studio“, глобална продукциска куќа што стои зад многу големи настани ширум светот и обединува тим од врвни креативци.


Вистинскиот дизајн и значењето на факелот

Инспирацијата, меѓу другото е пронајдена во геометриски мотиви и испреплетени шари што се поврзуваат со Леонардо да Винчи, со нагласок на идеите за единство и континуитет.


Во медиумските описи на дизајнот се наведува и техничката страна на конструкцијата, со променлив пречник од околу 3,1 метар во затворена положба до околу 4,5 метри кога е целосно отворена, како и механички систем со 244 точки на ротација и 1.440 компоненти.


Данте, италијанската култура и погрешните толкувања

Отворањето било осмислено како посвета на италијанската култура, а медиумите истакнуваа референци на италијанското културно наследство и уметнички мотиви што вклучуваа драматично осветлување и сцени кои можат да потсетат на книжевни слики на оган и борба.


Во таков контекст, црвеното и портокаловото осветлување или „пеколен“ визуелен јазик можат да бидат чиста сценографија и книжевна алузија, но на социјалните мрежи често стануваат материјал за теории што апстрактните елементи ги толкуваат како скриени пораки.