Како и многу пати дотогаш, Ерик скролал низ сајтот што редовно го користел за гледање порнографија. Неколку секунди по почетокот на едно видео, се вкочанил.
Сфатил дека парот што го гледа му изгледа познат. Тоа биле тој и неговата девојка. Имено, во 2023 година поминале ноќ во хотел во Шенжен, на југот од Кина, несвесни дека не биле сами. Некој ги снимил и ја објавил снимката на интернет – без нивно знаење и дозвола.
Нивните најинтимни моменти биле снимени со камера скриена во хотелската соба, а снимката станала достапна за илјадници непознати лица кои биле претплатени на каналот што и самиот Ерик го користел за пристап до порнографија.
Владините регулативи се обидуваат да ја запрат епидемијата
Ерик (измислено име) – Би-би-си му понудил анонимност за потребите на приказната. Тој повеќе не бил само корисник на кинеската порнографска индустрија со шпионски камери, туку и жртва.
Во последните неколку години оваа тема станала честа на социјалните мрежи, каде луѓето, особено жените, разменуваат совети како да препознаат камери мали колку гумичка на молив. Некои дури почнале да поставуваат шатори во хотелските соби за да избегнат снимање.
Минатиот април, нови владини регулативи се обиделе да ја запрат оваа епидемија, барајќи од сопствениците на хотели редовно да проверуваат дали има скриени камери.

Но заканата од тајно снимање во приватноста на хотелска соба не исчезнала. „BBC World Service“ пронашол илјадници неодамнешни снимки од шпионски камери, снимани во хотелски соби и продавани како порнографија на повеќе интернет-страници.
Голем дел од таа содржина се рекламира преку апликацијата за размена на пораки и социјална мрежа Телеграм. Во текот на 18 месеци, откриле шест различни интернет-страници и апликации промовирани на Телеграм. Заедно тврделе дека управуваат со повеќе од 180 шпионски камери во хотелски соби кои не само што снимале, туку и во живо ги пренесувале активностите на гостите.
Заработката ги мотивира сторителите
Една од тие страници Би-би-си редовно ја следел седум месеци и пронашол содржина снимана од 54 различни камери, од кои приближно половина биле активни во секој момент. Тоа значи дека во тој период можело да бидат снимени илјадници гости, проценува Би-би-си врз основа на вообичаените стапки на пополнетост на хотелите. Повеќето веројатно ни не знаат дека биле снимани. А гледачите ги интригира таа „искреност“, па затоа популарноста на ваквите снимки расте.

Новинарите на Би-би-си успеале да лоцираат една од шпионските камери во хотелска соба во Џенгџоу, во централна Кина, поврзувајќи повеќе траги – од претплатници, корисници на социјалните мрежи и сопственото истражување. Истражувачите на терен успеале да влезат во собата и ја пронашле камерата, со објектив насочен кон креветот, скриена во ѕидна вентилациска единица и поврзана со електричната мрежа на зградата.
Секако, јасно е дека тука се заработуваат значајни пари – месечно повеќе од 20.000 американски долари за оние што поставуваат ваква содржина. Кина, свесна за овој проблем, почна поостро да се занимава со него, но јавно не се достапни податоци за полициски истраги, апсења или судски пресуди…















