Американската актерка Џенифер Гарнер откри дека одгризала „парче“ од увото на еден актер за време на особено сурова сцена со борба во акциониот филм од 2007 година „Кралството“, пишува „Холивуд репортер“.
Гарнер неодамна имаше промоција за втората сезона на серијата „Последното нешто што ми го кажа“ во која глуми со Сала Бејкер, колегата со кого ја има оваа необична ситуација од снимањето.
„Режисерот Пит Берг му рече да се обиде да ме убие. Немавме многу планирани потези, а тој ми рече да направам сè што можам за да преживеам. Тој го направи тоа и јас го направив тоа и на крајот се качив на неговиот грб. Го каснав за увото и го фотографирав како му недостасува дел од увото, бидејќи не се шегувавме“, раскажала таа.
Деветнаесет години подоцна, Гарнер и Бејкер повторно работат заедно.
„Екипата рече на првиот или вториот ден од снимањето: „Можеш ли да бидеш внимателна со него?“ Реков: „Не, не, не, не, тој нема да биде внимателен. Јас нема да бидам внимателна. Само тргни се од патот. Имам сметки да платам тука.“ Сал беше со нас цела сезона. Затоа, подгответе се“, рекла Џенифер, правејќи публиката да се насмее.
Нејзиниот колега Николај Костер-Валдау беше шокиран и праша: „Му одгриза парче од увото?“, на што таа одговори со насмевка: „Како Мајк Тајсон“.
Џенифер Гарнер во трилер-серијата „Последното нешто што ми го кажа“ ја игра главната улога и воедно е извршна продуцентка. Таа ја толкува Хана Хол, жена која развива неочекуван однос со својата 16-годишна пасторка Бејли, откако нејзиниот сопруг мистериозно исчезнува. Во серијата глумат и Ангури Рајс како Бејли, како и Николај Костер-Валдау како нејзиниот сопруг Овен.
Втората сезона, која има осум епизоди, пристигнува на Apple TV на 20 февруари, а новите епизоди ќе се емитуваат секој петок до 10 април.









