Јапонија поради метежи го откажа фестивалот на цветање на црешите кај планината Фуџи

Точка

04/02/2026

16:02

362

Големина на фонт

а а а

Властите во градот Фуџијошида, во централна Јапонија, го откажаа пролетниот фестивал на цветање на црешите на популарната локација за набљудување на планината Фуџи, наведувајќи загриженост на жителите поради метежите и несоодветното однесување на посетителите.

Градот во префектурата Јаманаши во вторникот соопшти дека нема да го одржи фестивалот на цветање на црешите во паркот Аракурајама Сенген, манифестација што се одржуваше во последните десет години и која секоја година привлекуваше околу 200.000 посетители благодарение на погледот кон планината Фуџи.

Меѓутоа, поради слабата вредност на јапонскиот јен и содржините на социјалните мрежи кои поттикнуваат нагло зголемување на бројот на странски туристи во Јапонија, градот се соочува со сериозни предизвици во контролата на приливот на посетители, кој во периодот на врвот на сезоната на цветање на црешите понекогаш надминува и 10.000 луѓе дневно, пренесува јапонската новинска агенција „Kyodo“.


Според наводите на градските власти, инцидентите поврзани со несоодветно однесување станале сè почести и претставуваат закана за секојдневниот живот и егзистенцијата на локалното население.

Како дополнителни причини за оваа одлука, градот ги наведе и санитарните проблеми. Забележани се случаи во кои посетители влегувале во приватни домови за да користат тоалети, како и ситуации во кои навлегувале во приватни дворови и предизвикувале инциденти.


Родителите и жителите изразиле и загриженост за безбедноста на децата кои ги користат училишните рути, бидејќи поради метеж децата биле принудени да слегуваат од тротоарите.

Иако Фуџијошида нема да го организира фестивалот како официјална манифестација ниту ќе го користи називот на фестивалот на својата туристичка веб-страница, градот се подготвува за зголемен број посетители за време на сезоната на цветање на црешите во април.


Планирано е зајакнување на безбедносните мерки во таа област, поставување привремени паркинзи и мобилни тоалети, како и други мерки за контрола на гужвите и намалување на оптоварувањето за локалното население.

Паркот Аракурајама Сенген е едно од најпопуларните места за набљудување на планината Фуџи, особено во пролет, кога посетителите можат да ги фотографираат цветовите на црешите околу петкатната пагода, традиционална јапонска храмска кула, со планината во позадина. За време на врвот на сезоната, посетителите чекаат во редици и до три часа за да стигнат до местото за фотографирање.