[ВИДЕО/ФОТО] Никола одбил три хотели во Дубаи: Му нуделе замена за неговата камена куќа, а сега е јасно и зошто

Точка

03/02/2026

17:31

1.632

Големина на фонт

а а а

Никола одбил милионска понуда – рекол „не“ кога му понудиле три хотели во Дубаи во замена за неговата камена куќа.

Во Горна Дубрава во Хрватска се крие вистинско чудо на природата и архитектурата. Мала камена куќа е сместена покрај речен кањон, на место каде Горски Котар полека преминува во пејзажите на Лика. Од пештерата што се наоѓа веднаш до неа извира бистра вода и формира мало езерце, додека недалеку се наоѓа влезот во пештерата Зала, чии ходници се протегаат на повеќе од 8.000 метри.

„Објектот го купивме пред 20 години. Тогаш човекот ми рече вака: ’Во моето семејство воденицата беше 300 години, а ќе видиме колку ќе биде во твоето‘“, раскажува домаќинот Никола Гашпаровиќ, пишува „KAportal“, каде што може да се погледнат и фотографии од оваа камена куќа.



Десетки на „Booking“ и понуда од три хотели во Дубаи

Гашпаровиќ е познат угостител кој во Модруш имал ресторан. Камената куќа ја обновил заедно со синот Мартин. Во засеокот Периќи, недалеку од Горни Дубрава, среде шума и веднаш покрај реката Бистрица, се наоѓа "Bistrica Cottage" – куќа за одмор со четири ѕвезди.

Гашпаровиќ раскажува дека на ноќевање доаѓале гости од Америка, Кина, Јапонија и од многу други делови на светот. Имотни германски изнајмувачи пристигнале дури од Шварцвалд за да ја видат куќата која на „Booking“ никогаш не била оценета со помалку од совршена десетка, додека еден богат хотелиер од Дубаи на семејството Гашпаровиќ им понудил дури три свои хотели во замена за оваа камена куќичка.



Фотографии од 1932 година

Куќата се простира на 58 квадратни метри и опфаќа приземје и поткровје со балкон. Сместена е на околу 2.000 квадратни метри природно ограничено земјиште, кое од едната страна го затвора реката, а од другата камени карпи, создавајќи чувство на целосна изолираност.

Обновата се темелела на архивски фотографии од 1932 година, со цел да се зачува изворната визура на објектот, масивното камено приземје и дрвениот горен кат. Оваа комбинација не е само естетски избор, туку и практично решение. Камените темели се подигнати токму онолку колку што е потребно реката, чиј водостој се менува, да остане безбедно оддалечена од животниот простор. Зачувани се и ѕидовите на некогашната воденица, денес обложени со ново дрво што му дава дополнителна топлина на просторот.

Иако скриена длабоко во шумата, куќата е целосно прилагодена на современиот начин на живеење. Има електрична енергија, брз интернет, климатизација во сите простории, како и одржливи системи како биолошки прочистувач на отпадни води и греење на дрва. Луксузот тука не се огледа во раскош, туку во промислена, ненаметлива едноставност. Внимателно избраните детали веднаш го привлекуваат вниманието, а особено се издвојуваат ретро приклучниците и прекинувачите, како и видливите кабли поставени преку внатрешните камени ѕидови.

Ентериерот е замислен како простор за собирање и семејна блискост. Приземјето е уредено како отворен простор што ги поврзува кујната, трпезаријата и дневниот престој со отворено огниште, налик на оние во старите селски куќи. Во поткровјето се наоѓа спалниот дел.



"Hot tub" на брегот

Целиот мебел во куќата е рачно изработен и по мерка. Кујната е од оревово дрво, трпезариската маса од орев и дива круша, столиците од дива круша, а во поткровјето креветите и сандаците се изработени во ист дух. Автентичноста на просторот дополнително ја нагласуваат внимателно избрани детали како бакелитни прекинувачи, порцелански светлосни тела, месингани чешми и ленени завеси.

Големите стаклени површини речиси целосно ја бришат границата меѓу ентериерот и природата. Од приземјето се отвора поглед кон реката и водопадот, додека од катот се гледа езерцето и густата шума. Без разлика каде се наоѓате во куќата, природата е постојано присутна – истовремено како сценографија и како главен актер. Впечатокот е речиси бајковит.

Надворешниот простор е осмислен со иста грижа како и внатрешноста. Пред куќата се наоѓаат тераса, ливада наменета за игра и релаксација, надворешна печењара и сеник за дружење, додека задниот дел од имотот се отвора кон детско игралиште и простор за вежбање. Посебна атракција е дрвениот "hot tub" сместен непосредно покрај брегот на реката Бистрица. Зацврстен во камен, без електрична енергија, пумпи и хемикалии, се загрева исклучиво на дрва и нуди единствено искуство на капење со поглед кон водопадот, шумата и ноќното небо преполно со ѕвезди. За оние кои се наклонети кон постудени предизвици, на само неколку чекори се наоѓа и природен „cold plunge“ во самата река.

Иако од 2020 година функционира како куќа за одмор, "Bistrica Cottage" со текот на времето се профилираше како дестинација сама по себе. Привлекува домашни и странски гости кои не бараат само сместување, туку доживување, враќање кон природата, побавен ритам и чувство дека се токму таму каде што треба да бидат.