По освојувањето на Греми, на социјалните мрежи се споделува фотографија од Бед Бани од 2016 година кога работел во супермаркет

Точка

03/02/2026

16:36

370

Големина на фонт

а а а

Откако на доделувањето на наградите Греми Бед Бани, меѓу другото, ја освои наградата за албум на годината, по социјалните мрежи започна да се споделува негова фотографија од 2016 година, кога работел во супермаркет, а која ја споредуваат со оние настанатите на неодамнешната церемонија.

Имено, пред 10 години Бед Бани, со вистинско име Бенито Мартинез Окасио, работел во супермаркет во Порторико и во слободно време снимал песни, објавувајќи ги на интернет и штотуку започнувајќи ја својата професионална музичка кариера.

Фотографијата на која тој работи на каса во супермаркет масовно се споделува на социјалните мрежи и се споредува со неговите фотографии од гламурозното доделување, со пораки дека никогаш не треба да се откажувате од сопствените соништа.

Познат стана токму во 2016 година со песната „Diles“, што доведе до потпишување договор со „Hear This Music“.

На Греми наградите, Бед Бани освои неколку престижни признанија. Неговиот албум „Debí Tirar Más Fotos“ ја освои главната награда – албум на годината, што е историски значајно бидејќи ова е првпат албум на шпански јазик да ја освои оваа категорија на Греми наградите.

Покрај тоа, ја освои и наградата за најдобар урбано-музички албум, како и за најдобар глобален музички перформанс.

Во својот говор раперот им се заблагодари на соработниците и семејството, на фановите и на својата татковина Порторико. Истакна дека ова признание не е само за него, туку и за сите оние кои морале да ја напуштат својата татковина за да ги остварат своите соништа.

Во една од пораките упати и силна критика до американската имиграциска политика, изговарајќи: „ICE надвор“ и зборувајќи за човечкото достоинство и солидарност, нагласувајќи дека сите луѓе, без разлика на потеклото, се еднакви.

По успехот на доделувањето на Греми, Бед Бани на 8 февруари ќе настапи на полувремето на Супербоул на „Levi's Stadium“ во Санта Клара, Калифорнија.