Драган Бјелогрлиќ, еден од главните актери во филмот „Свадба“, откри дека тој и дел од неговите колеги од Србија, кои играат во овој филм, со години се наоѓаат на таканаречена „црна листа“ во својата земја.
Поради тоа, како што вели, во последните неколку години не можат да работат во Србија, па филмот што „ќе го сака целиот регион“ го снимиле во Хрватска.
Бјелогрлиќ: „Забранети сме во Србија“
„Знаете што беше најголемиот предизвик? Тоа што добар дел од нас, актерите од Србија кои играме во овој филм, веќе неколку години не можеме да работиме во сопствената земја. Ние сме на црна листа, забранети сме. Затоа заминавме во Хрватска и заедно со колегите таму направивме филм што ќе го сака целиот регион, нешто што денес во Србија не ни е дозволено“, изјави Бјелогрлиќ.
Филмот руши рекорди во гледаност
Се чини дека „Свадба“ ги потврдува зборовите на Бјелогрлиќ дека станува збор за филм за цел регион.
Во Србија, каде што дистрибуцијата започна на 29 јануари, пред киносалите се создаваат долги редици, додека во Хрватска филмот веќе руши рекорди. Филмот ќе ја доживее својата премиера во Македонија во четврток, на 5 февруари.
Да потсетиме, дејството ја следи приказната за успешен хрватски претприемач кој на својот роденден дознава дека е пред банкрот. Во исто време открива дека неговата ќерка, која студира во Лондон, е бремена и го очекува детето на српски министер, што отвора низа политички, општествени и семејни заплети, преку кои филмот, со хумор и емоција, проговорува за семејството, идентитетот, љубовта и лојалноста.








