Ако барате брз, освежувачки и едноставен десерт кој нема да бара вклучување на рерна, оваа овошна кокос торта е вистинскиот избор. Без печење, сочна и лесна, совршено се вклопува за секоја пригода.
Рецептот го пронајдовме на Јутјуб каналот „Kuhaj i peci“, каде се наведува дека во рецептот се користени замрзнати малини, како и калап со пречник од 26 сантиметри.
Состојки за кората:
• 300 грама мелени бисквити
• 100 милилитри топло млеко
• 100 грама путер
• четири лажици шеќер
• 100 грама чоколадо за готвење
Состојки за кремот:
• 500 милилитри млеко
• 100 грама гриз
• 100 грама шеќер
• 80 грама кокос
Состојки за овошниот слој:
• 300 грама малини
• три лажици шеќер
• две лажици густин
Тортата можете да ја украсите со шлаг и рендано чоколадо и кокос.
Подготовка:
Соединете ги бисквитите, шеќерот, млекото и растопениот путер, па добро измешајте. Потоа вмешајте го и чоколадото. Смесата префрлете ја во калап и рамномерно распоредете ја.
Млекото и шеќерот ставете ги да се варат на тивок оган. Потоа додадете го гризот и мешајте додека не добиете погуста смеса. Додека гризот е сè уште врел, додадете кокос и добро измешајте, па рамномерно распоредете го врз кората.
Малините и шеќерот растопете ги на тивок оган, па додадете густин растворен со вода. Смесата треба да биде густа како пудинг кога ќе се свари. Распоредете го овошниот слој врз тортата и оставете да се излади. Откако ќе се излади, украсете ја тортата по желба. Можете да ја збогатите со шлаг, рендано чоколадо и кокос.











