Ако ве привлекува бесплатно бегство на оддалечен велшки остров, имате среќа.
Единствениот услов e - мора да ја броите колонијата на тупики – симпатични морски птици што живеат таму, пишува „Daily Mail“.
Островот Скомер, сместен крај брегот на Пембрукшир, е остров на морски птици со површина од 2,93 квадратни километри и дом на повеќе од 40.000 тупики, што го прави една од најважните колонии на овие птици во Британија.

Со островот управува „The Wildlife Trust of South and West Wales“ (WTSWW), која бара волонтери да поминат неколку месеци во текот на пролетта, летото и есента броејќи птици, како дел од напорите за зачувување на островот.
На избраните кандидати ќе им бидат обезбедени бесплатно сместување, патни трошоци до островот и назад, како и паричен надомест во износ од 235 до 470 евра. Сепак, важно е да се спомене дека самата улога не е платена. Роб Нот, службеник за посетители на островот, изјавил дека загрозените тупики се „апсолутно култни птици“, но нивното броење е „прилично напорна работа“.

Нот објаснил дека процесот на броење вклучува поделба на островот на сектори, по што секоја локација се посетува приближно два часа пред зајдисонце, кога поголем број тупики се на копно.
„Ги вадиме нашите бројачи и ги броиме сите што се на копно, потоа оние на море, како и оние во воздух“ појаснил Нот.
Тупиките се сметаат за загрозени од изумирање, според глобалната Црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN). Кнот ја опишал ваквата состојба како „погрешна од толку многу причини“.
„Правиме сè што можеме за да се обидеме да ги подобриме тие бројки“ рекол тој.

Сепак, иако глобалната популација на птиците нагло се намалува, островот Скомер минатата година забележал рекорден број тупики – дури 43.626. „WTSWW“ порастот на популацијата го поврзува со отсуството на предатори како лисици и стаорци на островот, како и со „изобилство на храна во поширокото подрачје, што значи дека има доволно риби за пилињата“.

„WTSWW“ секоја година спроведува пребројување на морските птици на островот, следејќи колку птици се враќаат напролет заради размножување. Оваа година се отворени три долгорочни волонтерски позиции, како и една улога волонтер за мониторинг на морски птици. Волонтерите ќе работат околу три месеци, во периодот од крајот на март до крајот на септември, додека лицето задолжено за мониторинг на морски птици ќе биде на островот од 23 мај до 23 јуни.

Во зависност од периодот во годината, обврските на волонтерите вклучуваат и броење на видовите морски птици од брод, како и проверка на продуктивноста на пилињата или следење на сивите фоки. Волонтерите исто така ќе помагаат во секојдневното функционирање на островот и во пречекот на неговите 25.000 посетители годишно.

Во огласот за работа се наведени и конкретни одговорности: „Во пролет фокусот е на нашите морски птици што се гнездат, што ќе значи броење на тупики и помош при броење на видовите морски птици од брод. Во лето фокусот се префрла на продуктивноста на пилињата, додека на есен тежиштето на нашата работа е на следење на сивите фоки и некои други видови, вклучувајќи ги скомерските глувци, влекачите, китовите и молците“.









