На 29 јануари 1845 година првпат е објавена една од најпознатите и најмрачни поеми во историјата на светската книжевност.
Годинава се навршуваат 181 година од објавувањето на „Гавранот“, поемата што трајно ја обележа модерната поезија.
„Гавранот“ е наративна поема на американскиот писател Едгар Алан По, која првпат е објавена во јануари 1845 година во весникот „New York Evening Mirror“. Делото веднаш привлекло големо внимание поради својата музикалност, строго структуриран ритам и натприродна, тегобна атмосфера што подоцна ќе стане заштитен знак на По.
Поемата ја следи исповедта на очаен љубовник, најчесто толкуван како студент, кој тагува по изгубената сакана Ленора. Неговата осаменост ја прекинува мистериозен гавран, кој се сместува на бистата на Паладa Атина и постојано го повторува истиот одговор – „никогаш повеќе“. Со секое ново прашање, гавранот не носи одговори, туку го продлабочува психолошкиот распад на нараторот.
Меѓу логиката и натприродното
По тврдеше дека „Гавранот“ не е плод на инспиративен занес, туку резултат на строго логичен и методичен процес. Тој тоа подоцна детално го објасни во својот есеј Филозофија на композицијата од 1846 година, каде ја анализира структурата, ритамот и изборот на темата, со цел делото да делува и на интелектуално и на емоционално ниво.
Поемата била делумно инспирирана од зборувачки гавран од романот „Barnaby Rudge“ на Чарлс Дикенс, како и од поетската форма и ритамот на „Lady Geraldine’s Courtship“ на Елизабет Барет Браунинг. Во текстот се испреплетуваат фолклорни, митолошки, религиозни и класични книжевни референци, а внатрешните рими и алитерациите создаваат хипнотички ефект.
Објавувањето на „Гавранот“ му донело на По огромна популарност уште за време на неговиот живот, но не и финансиска сигурност. Поемата брзо била препечатувана, пародирана и илустрирана, а критичките мислења за нејзината книжевна вредност биле поделени. И покрај тоа, делото останало едно од најпрепознатливите поетски текстови во историјата.
По не ја замислил поемата како алегорија или морална лекција. Нејзината централна тема е вечната оданост и неможноста за надминување на загубата. Нараторот свесно си поставува прашања на кои знае дека одговорот секогаш ќе биде ист, со што ја продлабочува сопствената болка. По намерно остава нејасно дали гавранот навистина ја разбира смислата на зборот што го повторува или едноставно ја користи неговата психолошка слабост.
Низ текот на поемата, ликот минува низ јасна емоционална трансформација – од исцрпеност и тага, преку вознемиреност, до целосен психолошки распад.
Кој бил Едгар Алан По
Едгар Алан По (1809–1849) е еден од најзначајните американски писатели, поети и книжевни критичари. Тој се смета за пионер на хоророт, мистеријата и детективската проза, а неговиот лик С. Огист Дупен е претходник на современите книжевни детективи.
Неговиот живот бил обележан со сиромаштија, лични трагедии и нестабилност, а неговата смрт во 1849 година во Балтимор и денес останува мистерија. И покрај краткиот и тежок живот, По остави длабока и трајна трага во светската книжевност.
Денот на објавувањето на „Гавранот“ се смета за еден од клучните моменти во историјата на модерната поезија. Поемата и денес се чита како симбол на мрачната убавина, психолошката длабочина и неможноста човекот да се ослободи од сопствената загуба.
Книжевна кариера
Книжевната кариера на По започнува во 1827 година, кога ја објавува својата прва збирка поезија со наслов „Tamerlane and Other Poems“. Сепак, поголем успех постигнал со пишување раскази, особено оние што истражуваат мрачни теми, човечката психа и натприродното.
По е познат и како пионер на детективската приказна, а неговиот лик К. Огист Дупен од расказот „Убиството на улица Руе Морг“ се смета за претходник на славните детективи како Шерлок Холмс.
Мистериозна смрт
Животот на По го обележале трагедии и борби. Се оженил со својата роднина Вирџинија Клем, која имала само 13 години, а нивната врска била краткотрајна. Вирџинија починала од туберкулоза во 1847 година, што длабоко го погодило По.
Умрел во мистериозни околности на 7 октомври 1849 година во Балтимор, по што бил пронајден без сознание на улиците на градот. Причината за неговата смрт никогаш не била разјаснета, а теориите варираат од труење и алкохолизам до болест и убиство.
На 3 октомври 1849 година, По бил пронајден полусвесен во Балтимор, „во тешка состојба и во потреба од итна помош“, според зборовите на Џозеф В. Вокер, кој го нашол. Бил пренесен во Медицинскиот колеџ во Вашингтон, каде што починал во недела, на 7 октомври 1849 година, во 5 часот наутро.
По никогаш не бил доволно свесен за да објасни како се нашол во таква лоша состојба и зошто носел облека која не му припаѓала. Се тврди дека во ноќта пред смртта повеќепати викал име „Рејнолдс“, иако не е јасно на кого се однесува тоа. Неговите последни зборови, според лекарот кој го следел, биле: „Господине, помогнете на мојата несреќна душа.“ Сите релевантни медицински записи, вклучувајќи го и смртниот лист, се изгубени.
Во тоа време, весниците како причина за смрт наведувале „загушување на мозокот“ или „церебрално воспаление“, што биле вообичаени еуфемизми за смрт од неповолни причини како алкохолизмот. Вистинската причина за смртта останува мистерија. Меѓу шпекулациите се споменуваат делириум тременс, срцево заболување, епилепсија, сифилис, воспаление на мозочните обвивки, колера, труење со јаглерод моноксид, па дури и беснило.
И покрај краткиот и тежок живот, По оставил неизбришлив траг во книжевноста. Неговите дела инспирирале бројни автори, а неговото име останува синоним за мрачна убавина и емотивна длабочина. Гавранот и Анабел Ли остануваат непорекливи врвови на неговото творештво, како и неизоставни делови на светското книжевно наследство.
















