Во кафези поставени на морското дно околу малиот остров Локос, во северниот дел на Чиле, нуркачи спуштаат шишиња вино како дел од иновативен проект за зреење вино под вода.
Идејата ја развиваат претприемачи поврзани со локален нуркачки центар, кои сакаат да го искористат морето како природен вински подрум, пренесува „Ројтерс“.


Постојаната температура во текот на целата година, која се движи меѓу 11 и 12 степени Целзиусови, зголемениот притисок и намалената изложеност на светлина создаваат таканаречен „подрумски ефект“ – услови какви што винариите обично ги постигнуваат во подземни галерии.
Шишињата се потопуваат на длабочини од 10 до 20 метри, каде што остануваат од осум месеци до една година. Со текот на времето, на нив се таложат варовнички наслаги карактеристични за пацифичкиот брег во регионот Кокимбо.



Најдобро на ваквиот начин на одлежување реагираат белите вина и сортите од постудени поднебја, како што се шардоне, совињон блан и пино ноар, иако методот може да се примени и кај други вински сорти.
Иако чувањето и зреењето на вино под вода е познато веќе со децении, ова претставува нов и пионерски проект за Чиле – земја која е светски позната по својата винска индустрија и има повеќе од 4.000 километри пацифичко крајбрежје.


Партнерите во проектот веруваат дека ваквиот концепт би можел да стане и туристичка атракција, особено за посетителите на блиската плажа Пичидангуи.








