Замислете го следново: сте застанале во локалниот супермаркет на пат кон дома од работа за да купите неколку работи за вечера, вклучувајќи пилешко, тегла дресинг и кесичка со сечкана римска салата. По некое време, вие и вашето семејство неочекувано се разболувате и сте сигурни дека проблемот е во пилешкото. А потоа се покажува дека виновникот е кесата со здравата, крцкава салата.
Големи епидемии на контаминиран лиснат зеленчук, како што се спанаќот и зелената салата, се најдоа на насловните страници во последните години – ќе наидете на податок дека лиснатиот зеленчук е поврзан со дури 22% од сите регистрирани епидемии на труење со храна во последните десет години – и според многу експерти за безбедност на храната, сечканата салата во кеса, „измиена и веднаш подготвена за употреба“, е најопасната намирница што можете да ја изберете во супермаркет.

Често во ваквите кеси има мешавина од различни видови салата, понекогаш и со додаток на зачински билки, и изгледа како идеална доза зеленчук на чинијата – но не е. Од повеќе причини.
Зеленчук од повеќе извори
„Консумирањето зеленчук, вклучувајќи го и лиснатиот зеленчук, е важен дел од здрава, зами исхрана, но експертите за безбедност на храната често ги избегнуваат претходно спакуваните салати, бидејќи можат да бидат поризични од цела главица зелена салата“, објаснува д-р Ванеса Кофман, директорка на Алијансата за запирање на болести што се пренесуваат преку храна.
Таа објаснува дека „спакуваниот лиснат зеленчук обично доаѓа од повеќе извори и се обработува заедно, што ја зголемува можноста контаминацијата од една серија да се прошири на повеќе кеси“, како и дека самиот процес на сечење може дури и да ги зароби и прошири штетните патогени.
Самото пакување е ризично
Покрај обработката на претходно исечените или пакуваните мешавини од зелена салата, и самото пакување може да претставува ризик, додава д-р Дарин Детвајлер, вонреден професор на Колеџот за стручни студии при Универзитетот Нортистерн и автор на книгата „Безбедност на храната: минато, сегашност и предвидувања“. Тој вели дека влагата во пакувањето може „да создаде идеална средина за бактерии како што се E. coli, листерија и салмонела“. Промените на температурата за време на транспортот и складирањето, исто така, можат да овозможат размножување на патогените, пишува „Allrecipes“.

Британски истражувачи утврдиле дека салатата во кеси може да биде особено погодна за развој на бактерии кои предизвикуваат труење со храна. Причината е следна: кога листовите салата се сечат и пакуваат, тие ослободуваат влага. Таа влага се задржува во кесата и со текот на времето станува идеално место за размножување на бактерии како салмонелата. Дополнителен проблем е што таа течност ги обложува листовите, создавајќи „лепливи“ услови поради кои бактериите потешко се испираат.
Повеќе точки на можна контаминација
Бактериите можат да потекнуваат од почвата, од водата за наводнување или да се пренесат за време на бербата. Уште на нива, салатата може да биде контаминирана од животни, птици, па дури и од самите работници, а кога ќе пристигне во фабриката за обработка и пакување, ризикот дополнително се зголемува.
„Пакуваната зелена салата и спанаќот се особено подложни на контаминација поради повеќекратните ризични точки во синџирот на снабдување со храна“, објаснува Кофман. „Контаминацијата може да се случи уште на ниво на фармата. Полињата можат да бидат изложени на штетни бактерии од блиски сточарски фарми, диви животни, работници или од контаминирана вода за наводнување доколку строго не се почитуваат соодветните протоколи за безбедност на храната.“
Контаминираната вода често е причина за епидемии. Неодамна, една голема епидемија на труење со храна беше поврзана со римска зелена салата, а изворот на заразата била водата за наводнување загадена со бактерии. За време на таа епидемија околу 200 луѓе се разболеле, а петмина починале. Сепак, ако постои некаква „светла точка“, тоа е фактот дека лиснатиот зеленчук, вклучувајќи ја и салатата, не е поврзан со најголем број смртни случаи – таа неславна титула му припаѓа на живинското месо.
Бактерии што се закана од сечканата зелена салата

Неколку видови бактерии ја прават оваа намирница особено проблематична:
• E. coli (особено E. coli O157:H7) – една од најпознатите бактерии која повеќепати била причина за епидемии на труење со храна поврзани со римска или друга зелена салата. Овој сој произведува Шига-токсин и може да предизвика тешки симптоми и компликации ако се внесе преку контаминирана салата.
• Salmonella – често се спомнува како бактерија што може брзо да се размножува во влажните услови во кесите со сечкана салата и да предизвика салмонелоза (цревно труење).
• Listeria monocytogenes – бактерија која може да преживее и да расте на салата, особено во ладни и влажни услови; предизвикува листериоза, сериозна инфекција која особено ги погодува бремените жени, постарите лица и луѓето со ослабен имунитет.
• Campylobacter – бактерија што се спомнува во контекст на лиснат зеленчук како потенцијален причинител на труење, иако почесто е поврзана со сурово месо.











