„Mercedes“ има решение за детаљ што ги нервира возачите и механичарите

Точка

26/01/2026

08:30

783

Големина на фонт

а а а

Ова решение би било особено корисно за моделите кај кои задните светла се поделени на два дела при отворање на багажникот.

Како што автомобилите стануваат технолошки сè понапредни, расте и количината кабли што ги напојуваат нивните системи. Посебен проблем претставуваат инсталациите во вратата на багажникот, каде што каблите постојано се виткаат и со текот на времето стануваат потенцијална точка на дефекти.

„Mercedes“ сега сака да стави крај на тоа. Германскиот производител пријавил патент што би можел да ги елиминира карактеристичните гумени црева со кабли на спојот меѓу вратата на багажникот и каросеријата, користејќи едноставно механичко решение.


Патентот, кој прв го забележал „CarBuzz“ и е регистриран во Германија, опишува пружински механички прекинувач сместен во подвижните делови на возилото, како што се вратите на багажникот.

Наместо пренос на струја преку флексибилни кабли, напојувањето на задните светла би се пренесувало преку физички контактни точки кога багажникот е затворен.


Ова решение би било особено корисно за моделите кај кои задните светла се поделени на два дела при отворање на багажникот, како што е случајот со актуелниот „Mercedes“ GLS.

Пократки кабли и помал број подвижни споеви би значеле помала маса, пониски трошоци и поедноставни поправки.

Иако пружинските контакти се користат со децении во други индустрии, во автомобилската примена тие се реткост. Главниот предизвик е сигурноста во реални услови, бидејќи вратите на багажникот се изложени на нечистотија, влага и прашина, што бара добро заштитени и долготрајни контакти.


Засега ниту еден сериски модел на „Mercedes“ не го користи ова решение, а самиот патент не гарантира дека наскоро ќе се најде во производство.

Сепак, идејата се вклопува во стратегијата на брендот за развој на помодуларни и сервисно подостапни компоненти, со цел намалување на отпадот и трошоците за одржување, пренесува „b92“.