„BMW“ најави нова Серија 4: Еве кога би можела да се појави на пазарот

Точка

23/01/2026

13:35

321

Големина на фонт

а а а

„BMW“ за првпат посериозно даде до знаење дека планира трета генерација на Серија 4, но сè укажува на тоа дека нема да ја видиме пред крајот на деценијата. Можно е да пристигне во две верзии: класичен бензинец и електричен i4 на платформата „Neue Klasse“.

Шефот на развој во „BMW“, Јоахим Пост, изјави дека Серија 4 „и понатаму ќе игра важна улога“, внесувајќи надеж кај сите љубители на купе и кабрио модели во ерата на SUV-возилата. Но, „Motor1“ веднаш ја спушта топката: актуелната генерација (G22/G23) наводно ќе остане во производство најмалку до 2029 година, па реално е новата Серија 4 да се појави дури кон крајот на деценијата.

Најинтересниот дел од приказната е платформата. Доколку новата Серија 4 го задржи моторот со внатрешно согорување, „Motor1“ очекува надградена верзија на постојната архитектура „CLAR“, додека електричниот i4 би можел да премине на „Neue Klasse“, новата 800 V EV платформа на „BMW“. „Neue Klasse“ силно се потпира на софтвер и користи четири големи компјутери, кои „BMW“ ги нарекува „superbrains“, задолжени за инфозабава, автоматизирано возење, динамика и основни функции на автомобилот.


Што се однесува до моќноста, „Motor1“ наведува дека бензинските изведби би можеле да продолжат со еволуцијата на денешните мотори: 2.0 турбо четирицилиндричниот мотор има 255 коњски сили, што е околу 190 kW, а 3.0 турбо реден шестцилиндричен мотор 386 коњски сили, односно околу 288 kW. M4 денес располага со 473 коњски сили, околу 353 kW. Како референца за електричниот правец се зема "iX3 50 xDrive" со 463 коњски сили, околу 345 kW и 473 lb-ft, што е околу 641 Nm, додека актуелниот i4 M60 достигнува до 593 коњски сили, односно околу 442 kW.

Дизајнот, според нив, би се пренел од семејството „Neue Klasse“, со почисти линии и поинакво „лице“ во однос на денешните модели на „BMW“, а во внатрешноста би требало да пристигне нова генерација интерфејс, вклучувајќи „панорамски“ приказ преку основата на ветробранското стакло, кој „BMW“ го претстави како насока за идните модели. „Motor1“ при тоа нагласува дека Серија 4 обично е „поспортска“ визуелна верзија на Серија 3, па во таа филозофија и понатаму би требало да изгледа поагресивно од лимузината.


Цената засега е чиста проценка. „Motor1“ потсетува дека денес "4 Series Gran Coupe" во САД започнува од 52.550 долари, купе верзијата од 54.650, i4 од 59.250, а M4 од 83.550 долари, па претпоставуваат дека новата генерација би можела да стартува во средниот до повисокиот сегмент од 50 илјади долари, многу веројатно и околу 60 илјади. До тогаш, логиката е едноставна: ако Серија 4 остане до 2029 година, ќе има уште фејслифтови и поскапувања пред да пристигне вистинскиот наследник.