Едно од најголемите имиња во историјата на Олимписките игри, Јусеин Болт, би можел сензационално да се врати на Игрите во Лос Анџелес во 2028 година.
Иако својата последна олимписка трка ја оствари пред десет години во Рио де Жанеиро, славниот Јамајчанец навести можен камбек, но во сосема друг спорт – крикет, пишува „GIVEMESPORT“.
Блескава атлетска кариера
Болт ја завршил својата величествена кариера по настапите на три Олимписки игри. Дебитирал во Пекинг во 2008 година, каде што освоил златни медали на 100 и 200 метри. Четири години подоцна, во Лондон, бил уште поуспешен, додавајќи во својата колекција и злато во штафетата 4×100 метри. Својата олимписка приказна ја заокружил во 2016 година во Рио, повторувајќи го успехот од Лондон со три златни медали и така вкупниот број медали го кренал на импресивни осум.

Со оглед на тоа што Болт има 39 години, а во август годинава ќе наполни 40, враќањето на атлетската патека во професионална улога е речиси незамисливо. Сепак, можноста за нов олимписки настап се појави во спорт кој го сакал уште пред атлетиката.
Враќање на првата спортска љубов
Пред да стане светска атлетска ѕвезда, првата спортска љубов на Болт бил крикетот. Овој спорт се враќа во олимписката програма на Лос Анџелес 2028, првпат по 1900 година, а ќе биде дел и од Игрите во 2032 година. Коментирајќи го враќањето на крикетот на Олимписките игри, Болт рекол дека би бил подготвен повторно да ја претставува Јамајка.

Во разговор за магазинот „Esquire“ тој изјавил: „Среќно сум пензиониран од професионалниот спорт. Одамна немам играно крикет, но ако ме повикаат, ќе бидам подготвен!“. Иако изјавата била дадена во шеговит тон, вреди да се потсетиме дека Болт по атлетската кариера се испробал и во професионален фудбал. Затоа, кога станува збор за најбрзиот човек на планетата, ништо не може целосно да се исклучи.









