Со длабока тага спортската јавност се прости од Џани Ковач, еден од најголемите атлетичари што Југославија ги имала. Повеќекратен рекордер, 13-кратен балкански првак и 12-кратен државен шампион, Ковач доминираше цела деценија во дисциплините 400 метри и 400 метри со пречки и настапи на Олимписките игри во Рим и Токио. Неговото име и подвизи остануваат трајно запишани во историјата на европската атлетика.
Тој беше еден од најголемите атлетичари што Југославија некогаш ги имала, повеќекратен рекордер и долгогодишен репрезентативец, а ќе остане запаметен и како исклучителна спортска личност и атлетичар кој во текот на цела една деценија доминираше во југословенската и балканската атлетика, оставајќи длабок и неизбришлив траг.
Во својата богата кариера освои 13 титули балкански првак и 12 титули државен шампион, а дури 24 пати ги рушеше југословенските рекорди во седум различни дисциплини, што најдобро зборува за неговата сестраност и исклучителен талент. Најголемите успеси ги оствари во дисциплините 400 метри и 400 метри со пречки, во кои стигна и до најголемата светска сцена.

На Олимписките игри во Рим во 1960 година беше член на штафетата што избори пласман во полуфиналето, заедно со Савиќ, Грујиќ и Шнајдер. Четири години подоцна, на Олимпијадата во Токио, имаше големи очекувања, но неговиот настап го прекина повреда во квалификациската трка на 400 метри со пречки.
Во текот на десетгодишната кариера, Ковач беше речиси непобедлив. Загуби само две трки на 400 метри со пречки – една од Салваторе Морале, тогашниот европски шампион и рекордер, по неизвесен фото-финиш, и друга од олимпискиот шампион Карл Кауфман. Неговите лични рекорди, особено 46,6 секунди на 400 метри и 50,9 секунди на 400 метри со пречки, го вброија во самиот врв на европската атлетика од тоа време.

Особено е важно да се нагласи дека сите негови врвни резултати се остварени во значително потешки услови отколку денес – трките на отворено се трчаа на земја, додека дисциплините во сала се одржуваа на дрвени подови, што дополнително ја потврдува големината на неговите достигнувања.
Погребот на Џани Ковач ќе се одржи во сабота, 24 јануари 2026 година, во 12 часот, на гробиштата во Мијатовац кај Ќуприја. Зад себе остави неизбришлив траг во историјата на атлетиката, но и спомен на спортист чие име засекогаш ќе остане запишано меѓу најголемите.









