Италија и светот денес се простија од последниот моден император. Валентино Гаравани беше погребан по службата во базиликата „Santa Maria degli Angeli e dei Martiri“, а во Рим по тој тажен повод допатуваа Том Форд, Донатела Версаче, Ана Винтур, Наталија Водјанова, Елизабет Харли, Ен Хатавеј и многу други, кои славниот креатор го испратија на вечен починок.
Рим, вечниот град што толку многу го сакаше, во кој го започна својот пат и го отвори првиот бутик, градот во кој на 19 јануари засекогаш ги затвори очите, денес е во црнина. Во бојата на тагата, болката и темнината, во целосен контраст со онаа негова црвена – интензивна, страсна, енергична, полна со живот. Валентино Гаравани беше испратен на вечната, небесна писта, која нема крај.

Ковчегот со телото на еден од најголемите модни визионери на сите времиња во утринските часови пристигна во базиликата „Santa Maria degli Angeli e dei Martiri“ на римскиот Плоштад на Републиката, каде што го пречекаа стотици граѓани. Цело време покрај него беа Џанкарло Џамети, неговата десна рака, соработник од првиот ден и најблизок пријател, како и партнерот Брус Хуксема, со кого ги помина последните четири децении.

Гостите пристигнуваа во црни, сведени комбинации, во согласност со сериозноста на моментот и во знак на почит кон дизајнерот кој на модната естетика и гламурот им даде ново значење, а жените и женственоста ги славеше со секоја своја креација.
Меѓу првите пристигна Донатела Версаче, која еден ден претходно му оддаде почит на посебен начин – преку неговото наследство, Валентино црвената боја. Присутни беа и поранешниот креативен директор на неговата куќа Пјерпаоло Пичоли, како и сегашниот Алесандро Микеле. Од Њујорк пристигнаа Том Форд, Ана Винтур и Ен Хатавеј, а од Париз Наталија Водјанова со сопругот Антоан Арно.


Од Валентино се простија и Елизабет Харли, која дојде со синот Демијан, Оливија Палермо, Брунело Кучинели, Марија Грација Кјури…
Иако претходните денови со трогателни зборови и фотографии на социјалните мрежи се присетуваа на долгогодишната соработка, неговите креации и ревии што ги носеа, денес во Рим не се појави ниту една од неговите музи од ерата на супермоделите. Ги немаше ниту Наоми, ниту Клаудија, ниту Синди… Му оддадоа почит на други начини.

Тивко, елегантно и достоинствено се затворија вратите на едно од најблескавите поглавја во светот на модата, на неповторливата, сензуална и гламурозна валентиновска епоха, но харизматичниот Италијанец и неговото дело засекогаш ќе останат на високите позиции на колективното сеќавање.



























