„Бунт“ на тенисерките на Австралија Опен: „Сопругите и девојките на тенисерите нѝ ги крадат парите и спонзорите“

Точка

23/01/2026

12:42

1.221

Големина на фонт

а а а

Сопругите и девојките на спортистите се во центарот на вниманието на спортските настани веќе со години, а стануваат сè попопуларни преку споделување содржини на социјалните мрежи.

Кога некој ќе каже „wags“, повеќето луѓе помислуваат на Викторија Бекам, сопругата на фудбалерот Дејвид Бекам, или на Никол Шерцингер, која на почетокот на 2000-тите ја засенувала секоја Формула 1 трка, поддржувајќи го својот тогашен партнер Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион.


Денес, сè повеќе се споменува и терминот „twags“, односно сопругите и девојките на професионалните тенисери, кои сигурно ја зголемија гледаноста на овој престижен спорт. Една од нив е Морган Ридл, девојката на деветторангираниот тенисер Тејлор Фриц, која ги приспособила своите содржини за девојки и попатно, ги заинтересирала за тенис, а често се појавува и на натпреварите на своето момче.


Сепак, популарноста на инфлуенсерките како Ридл не им одговара на сите, а некои професионални тенисерки се согласуваат дека сопругите на нивните колеги им ги „крадат“ парите. Иако наградниот фонд одамна е еднаков за мажите и жените, барем на Гренд слем турнирите и другите големи турнири, се чини дека сега во играта влегоа и сопругите и девојките на играчите. Покрај Ридл се издвојува и Пејџ Лоренц, која е во врска со американскиот тенисер Томи Пол.


Австралијката Дарија Севил, некогашна 20-та тенисерка во светот, сега на 198-мо место, проговорила за „проблемот“ што тенисерките заработуваат сè помалку приходи од рекламирање затоа што инфлуенсерките им ги крадат. „Тенисерките не ги добиваат овие спонзорски договори. Всушност, сопругите на играчите се тие што подобро се вклопуваат во естетската слика отколку ние, испотените тенисерки. Дали е тоа затоа што јавноста повеќе се идентификува со нив отколку со спортистите?“, рече таа, пренесе германскиот „Билд“.


Овој месец заработката на Ридл за време на Австралија Опен се проценува на 290.000 евра, додека нејзиното момче Фриц заработил 277.000 евра за пласман во осминафиналето. Ридл претходно зборувала за ова во поткастот „The Squeeze“: „Тоа е речиси како натпревар меѓу нас на Гренд слем турнирите и другите турнири за да видиме кој ќе заработи повеќе пари за време на турнирот. Јас велам: „Добро, прво мора да стигнеш до осминафиналето, инаку јас ќе заработам повеќе пари од тебе“, но додала дека Фриц не е љубоморен на својата девојка: „Тој секогаш ме охрабруваше и ме поддржуваше. Така станавме домаќинство со два приходи“.


Сепак, Севил стои зад својот став: „Секако, врвните играчи имаат свои спонзори. Но, сосема ми е несфатливо брендовите да избираат инфлуенсери за своите кампањи. Се снимив како го гледам мојот сопруг како игра тенис на Австралија Опен. Се облеков навистина убаво. Тоа беше поуспешно од кое било друго видео од мене како тенисерка“.