Македонија доживеа пораз од Данска (36:24) во првиот натпревар на Европското првенство.
Фаворитот за првото место во групата Б и воедно главен фаворит за златото на турнирот не надигра во двете полувремиња и заслужено дојде до славје пред своите навивачи во Хернинг.
Нашата селекција имаше добри, но и лоши моменти, минути на ова соочување, грешки кои не смеат да се повторат против Португалија која е следниот наш ривал на овој континентален собир на најквалитетните на стариот континент.
-Може многу да научиме од овој натпревар, игравме против најдобрите на светот. Видовте сами дека знаат да казнат за помалку од секунда, беше добро за нашите момци да го почувствуваат поготово на нивен терен. Знаевме од каде доаѓа нивното најсилно оружје, било каква грешка, промашен шут, транзиција и веднаш примање на гол.
-Делумно сум задоволен од она како се боревме, што сакавме, задоволен сум од тоа што не ги потрошивме сите сили, им дадов шанса на сите 16 играчи за да што поспремни ги дочекаме натпреварите со Португалија и Романија. Ги натеравме да играат седум на шест, има работи од кои сум задоволен. Да кажам дека не сум задоволен од резултатот, мислам дека многу подобри репрезентации од губеле со десет или повеќе разлика. Не е алиби или сатисфакција да загубиш од било кого, но ова е посебен тим, тим на столетието, -истакна селекторот Кирил Лазаров кој воедно откри зошто Никола Митревски и Жарко Пешевски не беа во комбинација за настап.
-Пешевски и Митревски имаа ситни повреди, не сакавме да ги изгубиме уште денес, ќе ни биде многу поважни за Португалија и Романија, се надевам нашиот медицински тим ќе им помогне, ако се опорават ќе ни бидат од големо значење. Тоа се двајца искусни играчи, се надевам ќе ги имаме, но ќе биде трка со времето. Заработија ситни повреди во последните четири-пет дена, -порача Лазаров кој кратко најави што можеме да очекуваме против Португалците.
-Португалците се полуфиналисти на претходното СП, се бореа за медали, нивните изјави покажуваат дека доаѓаат да го освојат ЕП. Тоа покажува со каква мисла, менталитет доаѓаат на овој шампионат. Ќе имаме за нијанса послаб противник од Данска, но екстра квалитетен ривал, -подвлече нашиот селектор.








