[ВИДЕО] Критичарите го кажаа своето: Ова се десетте најлоши филмови во последните 40 години

Точка

16/01/2026

14:17

750

Големина на фонт

а а а

Критичарите тврдат дека во последните четири децении се снимени некои од најлошо оценетите филмови во историјата.

Меѓу нив има остварувања кои стекнале култен статус поради лошиот квалитет, како филмот „The Room“ на Томи Вајзо, но и проекти кои се паметат исклучиво како лоши. Без разлика дали станува збор за слабо сценарио, неатрактивен визуелен приказ или сомнителна глума, според критичарите на „Collider“, овие филмови претставуваат примери на неуспешна кинематографија од 1986 година до денес.

10. „The Room“ (2003)

Филмот на режисерот и актер Томи Вајзо стана култен класик токму поради исклучително лошиот квалитет. Го карактеризира неприроден дијалог и крута структура на заплетот, но многумина го сметаат за забавен поради ненамерниот хумор и препознатливата авторска визија.

9. „2025: The World Enslaved by a Virus“ (2021)

Германскиот филм „2025: The World Enslaved by a Virus“ се занимава со воспоставување комунистички светски поредок по пандемијата на Ковид-19.

Филмот беше критикуван како неуспешен трилер, дистописки филм и општествен коментар, со особено лоши оценки за глумата.

8. „Disaster Movie“ (2008)

Пародиите на режисерското дуо Џејсон Фридберг и Арон Селцер ги обележаа 2000-тите, а „Disaster Movie“ често се наведува како еден од најлошите примери на тој тренд. Со оценка од 1 процент на сајтот „Rotten Tomatoes“, филмот е опишан како клишеизиран, нехумористичен и полн со вулгарен хумор.

7. „Going Overboard“ (1989)

Нискобуџетната комедија „Going Overboard“, воедно и филмското деби на Адам Сендлер, често се смета за еден од неговите најслаби филмови. Критиките се фокусираа на лошата глума, визуелниот стил и сценариото кое служи само како изговор дејството да се смести на крузер со модели.

6. „The Hottie and the Nottie“ (2008)

Филмот, во кој главната улога ја игра Парис Хилтон, следи жена која прифаќа да излезе на состанок со маж само ако тој најде придружник за нејзината неатрактивна пријателка. Премисата и изведбата се опишани како мизогини, а филмот беше критикуван поради предвидливоста, вулгарноста и лошата глума и сценарио.

5. „Troll 2“ (1990)

И покрај насловот, овој италијанско-американски хорор филм не е продолжение на филмот „Troll“ и воопшто не прикажува тролови. Стана популарен меѓу љубителите на „треш“ филмови поради ненамерниот хумор. Беше критикуван поради лошата кинематографија, режија и глума, но токму тие елементи придонесоа за неговиот култен статус.

4. „Battlefield Earth“ (2000)

Научнофантастичниот филм „Battlefield Earth“ е заснован на романот на основачот на саентологијата Л. Рон Хабард, а главната улога ја толкува Џон Траволта. Критиките се насочија кон неатрактивната визуелна изведба, необичните агли на камерата, неубедливите акциони сцени и нелогичното сценарио.

3. „365 Days: This Day“ (2022)

Продолжението на полскиот еротски трилер „365 Days“ е оценето како уште послабо од оригиналот. Критичарите наведуваат дека филмот дополнително ги истакнува негативните елементи од првиот дел, вклучувајќи мизогинија, здодевна приказна и лошо сценарио, поради што често се опишува како лошо реализирана сапуница.

2. „Superbabies: Baby Geniuses 2“ (2004)

Продолжението на филмот „Bаby Geniuses“ има оценка 0 на сајтот „Rotten Tomatoes“. Се смета дека е премногу вулгарен за деца и премногу детинест за возрасни, поради што често се наведува како тежок филм за гледање.

1. „War of the Worlds“ (2025)

Продукцијата на „Amazon“, „War of the Worlds“, снимена во таканаречениот screenlife формат, е опишана како кандидат за најлош филм на сите времиња. Критиките особено се насочени кон глумата на Ајс Кјуб, наметливото рекламирање производи и исклучително лошото сценарио.