„Откако го открив Grok AI, обичната порнографија повеќе не ме возбудува, сега ми звучи апсурдно“, напишал на Редит еден корисник на AI-чатботот во сопственост на Илон Маск, додека друг се надоврзал: „Ако сакам навистина конкретна личност, да“.
Ваквите објави покажуваат дека задоцнетите заштитни мерки, воведени поради дистрибуција на сексуализирани слики генерирани преку „Grok“, не го решиле проблемот.
Иако „Grok“ ѝ ја приближи на јавноста моќта на вештачката интелигенција, воедно укажа и на поширок проблем – растечката достапност на алатки што пред регулаторите поставуваат, како што многумина сметаат, невозможна задача, пишува британскиот Гардијан.
Сè поголем проблем и покрај построгите мерки
Додека Обединетото Кралство најавува дека создавањето сексуални и интимни слики без согласност наскоро ќе стане кривично дело, експертите предупредуваат дека користењето на вештачката интелигенција за нанесување штета на жените е во зародиш. Други алатки на вештачката интелигенција имаат значително построги заштитни мерки.

На пример, големиот јазичен модел (LLM) „Claude“, на барање да ѝ ја отстрани облеката на жена од фотографија и да ја прикаже во бикини, одговара: „Не можам да го направам тоа. Не сум во можност да уредувам слики за да менувам облека или да создадам манипулирани фотографии од луѓе“. Чет џи-пи-ти и „AI“ алатката Гемини на Гугл можат да создадат слики во бикини, но не и поексплицитна содржина.
Заобиколување на заштитните мерки
Сепак, на други платформи ограничувањата се значително помали. Корисниците на „Grok“ форумот на Редит споделуваат совети како да генерираат експлицитни порнографски слики користејќи фотографии од вистински жени. Во една од дискусиите, корисниците се пожалиле дека „Grok“ дозволува создавање слики од жени топлес „по борба“, но одбива да генерира гениталии.
Други забележале дека заштитните мерки можат да се заобиколат со користење изрази како „уметничка голотија“. Надвор од големите јазични модели и познатите платформи постои цел екосистем од веб-страници, форуми и апликации посветени на таканаречена „нудификација“ и понижување на жените.

„Тие заедници сè повеќе си го пронаоѓаат патот до мејнстримот“, изјави Ен Краанен, истражувачка во Институтот за стратешки дијалог (ISD) која се занимава со технолошки потпомогнато родово условено насилство.
Поддршка од големите платформи
На платформи како Редит и Телеграм се дискутира за начини на заобиколување на заштитните мерки, познати како „jailbreaking“, со цел „AI“ моделите да се натераат да произведуваат порнографија. На социјалната мрежа Икс се шират информации за апликации за „нудификација“, кои со помош на вештачка интелигенција ја отстрануваат облеката од фотографии на жени.
Краанен истакна дека патот за мизогини содржини кон поширокиот интернет станал поотворен, додавајќи: „Таму има многу плодна почва за процут на мизогинијата“. Истражување на „ISD“, спроведено минатото лето, открило десетици такви апликации и веб-страници кои во мај 2025 година забележале речиси 21 милион посети.

Во текот на јуни и јули минатата година, на Икс биле регистрирани 290.000 споменувања на тие алатки. Во септември, истражување на „American Sunlight Project“ покажало илјадници реклами за такви апликации на платформите на Мета и покрај нивните напори да ги сузбијат.
„Постојат стотици апликации во мејнстрим продавниците како Епл и Гугл што го овозможуваат тоа. Голем дел од инфраструктурата за дипфејк сексуално злоупотребување ја поддржуваат компании што сите секојдневно ги користиме“, изјави Нина Јанкович, коосновачка на „American Sunlight Project“.
Страв од иднината
Клер Мекглин, професорка по право на Универзитетот во Дарам и експертка за насилство врз жените, изрази страв дека ситуацијата само ќе се влошува.
„Опен Еј Ај минатиот ноември објави дека ќе дозволи ’еротика‘ во Чет џи-пи-ти. Она што се случи на Икс покажува дека секоја нова технологија се користи за злоупотребување и вознемирување на жени и девојчиња. Што тогаш ќе видиме на Чет-џи-ти?“ праша таа. „Жените и девојчињата се многу поневолни да користат вештачка интелигенција. Тоа не треба да изненади никого од нас. Жените не го гледаат тоа како возбудлива нова технологија, туку едноставно како нови начини да нè вознемируваат и злоупотребуваат и да се обидуваат да нè истиснат од интернет“, заклучи Мекглин.














