За време на неодамнешната посета на Јапонија, јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг ѝ подарил на јапонската премиерка Санае Такаичи тапани произведени во Јужна Кореја, соопшти Кабинетот на претседателот.
Такаичи е позната по тоа што свирела тапани во хеви-метал бенд додека била студентка, а Кабинетот на претседателот истакнал дека тапаните се „централен инструмент за одредување на ритамот“ и дека нивната „упорна движечка сила и флексибилна хармонија“ ја одразуваат политичката филозофија на премиерката, пренесе Кјодо.
Двајцата лидери заедно свиреле тапани во вторникот во Нара, главниот град на префектурата на премиерката, за време на неформален настан по самитот.
Свиреле на песната „Dynamite“ од K-pop бендот БТС и на нумерата „Golden“ од анимираниот филм „Kpop Demon Hunters“, награден со Златен глобус.

Палките за тапани што Ли ѝ ги подарил на Такаичи биле украсени со традиционална техника на лакирање.
Покрај тоа, Такаичи добила и суплементи од корејски женшен, како знак на внимание поради нејзиниот „тесен распоред“.
Женшенот традиционално се смета за тоник за енергија и издржливост.









