Филм инспириран од вистински настани од мрачниот период на Сталиновиот СССР, номиниран за Златна палма во Кан и награден на европските фестивали, од 15 јануари пристигнува во домашните кина. „Двајца обвинители“ на Сергеј Лозница е вознемирувачка приказна за писмо напишано со крв, млад обвинител и потрага по правда во систем што не познава правда.
Од 15 јануари, домашните кина ќе започнат со прикажување на филмот „Двајца обвинители“, дело на украинскиот режисер Сергеј Лозница, кој обработува настани од мрачниот период на владеењето на Сталин во поранешниот Советски Сојуз.
Филмот е базиран на новела на Георги Демидов, поранешен политички затвореник, и веќе предизвика големо внимание на светската филмска сцена. Остварувањето беше номинирано за Златна палма на Канскиот филмски фестивал, а на Европскиот филмски фестивал во Палиќ ја освои наградата за најдобар филм во главната програма.
Дејството нè носи во 1937 година, кога илјадници писма од неправедно осудени затвореници биле уништени од советскиот режим. Сепак, едно писмо успева да стигне до новоименуваниот обвинител Александар Корниев, што ја отвора неговата опасна потрага по вистината.
Како млад болшевик, Корниев верува во системот и во правдата, но обидот да исправи една неправда го води директно во судир со државниот апарат. Потрагата кулминира со патување во Москва, каде што се соочува со суровата реалност на системот.

Режисерот Лозница вели дека инспирацијата ја нашол во судбината на авторот Демидов, кој поминал 14 години во гулаг, искуство што го преточил во своите дела. Иако новелата „Двајца обвинители“ е напишана во 1969 година, таа била објавена дури во 2009 година, поради цензурата и опасноста што ја носела.
„Двајца обвинители“ е силно филмско сведоштво за времето на страв, репресија и загубена правда, кое потсетува дека ваквите приказни и денес живеат во колективната меморија.











