ЏанПјеро Гасперини оствари прифатливи резултати во Рома од стартот на сезоната и успева да го одржи тимот блиску до врвот, но самиот нагласи дека клубот ќе мора да го искористи зимскиот преоден рок за да има повеќе ресурси за вториот дел од сезоната.
Искусниот стручњак беше посебно незадоволен од напаѓачите Довбик и Фергусон и тоа го нагласи во неколку наврати, па токму поради тоа, клубот направи значителен напор да му исполни дури две желби во овој зимски преоден рок.
Гасперини побара двајца нови напаѓачи и е на добар пат да го добие тоа, иако станува збор за фудбалери кои не беа прв избор на клубот во воведната фаза од месец јануари.
Рома не успеа да најде заеднички јазик со Манчестер Јунајтед и Атлетико Мадрид за Џошуа Зиркзе и Џакомо Распадори, но брзо се насочи на нови имиња и сега е во завршна фаза за комплетирање на преговорите.
Најблиску до потпис со Рома е Дониел Мален кој е член на Астон Вила, а како што уверува италијански „Скај“, договорот меѓу двата клуба е веќе постигнат и „волчицата“ ќе има право за откуп по крајот на сезоната.
Операцијата е сочинета од првичен заем во наредните шест месеци, по што Рома ќе има право да активира перманентен трансфер за сума од 28,5 милиони евра.
Покрај Мален, набрзо во Рим се очекува и големиот фудбалски талент на Марсеј, младиот Робинио Ваз кој има само 18 години и кој веќе се покажа како еден од најнадежните фудбалери во Лига 1.
Проценките се дека операцијата ќе чини околу 25 милиони евра, но се уште не е утврдено дали првично ќе станува збор за заем, или за перманентен трансфер уште отсега.








