Реал го отпушти Чаби Алонсо, нов тренер е Алваро Арбелоа

Макфакс

12/01/2026

20:15

739

Големина на фонт

а а а

Фудбалскиот клуб Реал Мадрид донесе одлука да го отпушти тренерот Чаби Алонсо.

По поразот во финалето на шпанскиот Суперкуп против Барселона (3:2), раководството на „кралскиот клуб“ одлучи дека е време да се раздели со стручњакот кој ова лето пристигна во клубот од Баер Леверкузен.

Во официјалното соопштение, кое беше издадено по овој повод, не ги наведоа причините за таквата одлука, иако е јасно дека одреден период никој не е задоволен од резултатите што ги постигнува Реал, а дека самиот Алонсо имал проблем со одредени играчи – пред сè со Винисиус.

„Чаби Алонсо секогаш ќе ја има наклонетоста и восхитот на сите навивачи на Реал Мадрид бидејќи е легенда на Реал Мадрид и отсекогаш ги претставувал вредностите на нашиот клуб. Реал Мадрид секогаш ќе биде негов дом. Нашиот клуб сака да им се заблагодари на Чаби Алонсо и на целиот негов технички тим за нивната работа и посветеност во овој период и им посакува многу среќа во оваа нова фаза од нивниот живот“, се вели во соопштението.

Алонсо, на клупата ќе го замени ист така поранешен играч на клубот, Алваро Арбелоа. Интересно, Арбелоа досега никогаш не водел самостојно сениорска екипа.

Досега, тој работеше во помладите селекции на Реал само неколку месеци во Б-тимот на Реал, каде што го замени Раул Гонзалез во мај.

Играше за Реал од 18-годишна возраст, потоа го носеше дресот на Депортиво и Ливерпул, а од 2009 до 2016 година повторно беше на „Бернабеу“.

Ја заврши кариерата во Вест Хем, а одигра 56 натпревари за шпанската репрезентација и беше светски шампион во 2010 година и европски шампион во 2008 и 2012 година.

Алонсо во својата кариера го водеше Б-тимот на Реал Сосиедад и Баер Леверкузен, пред да се приклучи на Реал. Претходно, тој беше споменуван како кандидат за клупата на Ливерпул, каде што помина дел од својата кариера.