Отказот за Чаби Алонсо пристигна како вистинска „бомба“ во текот на вчерашниот ден, а 6 часа по официјалната вест за разделба со тренерот, најголем дел од играчите на Реал Мадрид му испратија пораки за благодарност на својот досегашен тренер.
Килијан Мбапе прв го „скрши мразот“ и му испрати срдечна порака, истото го направи и Арда Гулер кој беше навистина благодарен за соработката со Чаби, а во сличен стил продолжија и Родриго, Куртоа, Лунин, Карвахал, Камавинга, Гонзало, Алаба, Асенсио, Карерас, Фран Гарсија, Ридигер, Хаусен, Валверде, Чуамени и Себалјос.
Од вкупно 24 играчи од првиот тим на Реал, до овој момент пораки за Алонсо не испрати седум фудбалери, а меѓу нив има неколку звучни имиња.
Винисиус Жуниор ја предводи листата на играчи кои досега не се потсетија на Чаби, а во потесниот круг се уште Белингам, Трент, Милитао, Менди, Мастантуоно и Брахим Дијаз кој е на АФКОН.
Порака за досегашниот тренер не испрати ниту Ендрик, но бидејќи Бразилецот направи трансфер во Лион, тој во моментов не се води како играч од првиот тим на Реал.








