„Lego“ претстави паметни коцки со звучни и светлосни ефекти

Точка

08/01/2026

08:43

429

Големина на фонт

а а а

Компанијата „Lego“ ги претстави „Smart Bricks“, технолошки унапредена верзија на своите класични коцки кои вклучуваат светлосни и звучни ефекти, како и реакции на движење, со цел сетовите да станат поинтерактивни. Иако производителот оваа иновација ја опишува како голем исчекор, дел од јавноста и експертите веќе изразија загриженост, сметајќи дека новиот концепт би можел да ја наруши самата суштина на „Lego“ играта.

Новата линија производи беше претставена на саемот „Consumer Electronics Show“ („CES“) 2026 во Лас Вегас. Од „Lego“ наведуваат дека станува збор за нивната најзначајна иновација во речиси половина век, а првите сетови со интегрирана технологија на пазарот ќе се појават во март, почнувајќи со серијалот „Star Wars“.

Сепак, Џош Голин, извршен директор на организацијата „Fairplay“, која се занимава со благосостојбата на децата, предупредува дека „Smart Bricks“ би можеле да ја намалат вредноста на играта заснована на имагинација. Според него, на децата не им се потребни дополнителни ефекти за играта да биде креативна и богата.

Тој истакнува дека децата за време на играта со класичните „Lego“ коцки самите создаваат движење, звуци и приказни, користејќи ја сопствената фантазија, без помош на технологија.

Од друга страна, Ендрју Манчес, професор на Универзитетот во Единбург, кој го проучува односот меѓу технологијата и детскиот развој, се согласува дека силата на „Lego“ е во слободата на создавање, но смета дека поврзувањето на физичката и дигиталната игра може да има и позитивни ефекти, доколку технологијата го следи начинот на кој децата веќе се играат.

Од „Lego“ порачуваат дека дигиталните елементи не ги гледаат како закана. Јулија Голдин, главна директорка за производи и маркетинг, нагласува дека целта е да се прошират можностите за игра, а не да се замени класичното искуство, и дека паметните елементи се интегрирани на дискретен начин.


Како функционираат „Smart Bricks“?

Според наводите на компанијата, „Smart Bricks“ можат да препознаваат движење, положба и оддалеченост, што овозможува различни реакции за време на играта. Стандардна коцка со големина 2 × 4 содржи сензори, LED светла, мал звучен модул, акцелерометар и посебен чип кој регистрира интеракција.

Овие коцки се користат заедно со „Smart“ минифигури и „Smart Tag“ плочки, кои заедно го сочинуваат новиот „Lego“ систем наречен „Smart Play“. Станува збор за приспособени верзии на постојни елементи кои меѓусебно комуницираат преку дигитални идентификатори.


За време на демонстрациите на „CES“, „Lego“ прикажа, меѓу другото, роденденска торта која реагира кога „свеќичките“ се гасат, како и хеликоптер кој произведува звуци на лет и свети црвено кога „паѓа“.

Од „Lego Creative Play Lab“ порачуваат дека технологијата е осмислена да ја надополни детската игра, поттикнувајќи подолги и побогати интеракции.

Инаку, ова не е првпат „Lego“ да експериментира со дигитални содржини. Компанијата во изминатите години развиваше апликации, искуства со проширена реалност, како и производи создадени во соработка со индустријата за видеоигри, вклучувајќи ја и минифигурата „Super Mario“ со вграден екран, претставена во 2020 година.