Славната раперка Ники Минаж се најде на мета на, сега веќе поранешните фанови, кои отишле чекор понатаму и покренале петиција за депортација на пејачката од Соединетите Американски Држави.
Нејзиното прозивање и „распнување“ на социјалните мрежи започна откако се појави на настан под покровителство на организацијата „Turning Point USA“ во Феникс на 21 декември и ѝ се придружи на Ерика Кирк на сцената, вдовицата на десничарскиот активист Чарли Кирк.
Имено, нејзиниот потег шокираше многумина, бидејќи до неодамна Минаж отворено ја поддржуваше LGBT+ заедницата и зборуваше за своите искуства како „илегален“ мигрант во Соединетите Американски Држави.

Со оглед на политичките ставови на Доналд Трамп и движењето кое го претставува Кирк, многу фанови веруваат дека нејзината поддршка за движењето „MAGA“ е целосно во спротивност со нејзините претходни изјави.
Администрацијата на Трамп усвои низа политики насочени кон сузбивање на имиграцијата, масовни депортации и зголемена гранична контрола, како и прописи насочени кон трансродовите лица.
Голем одзив на петицијата
Петицијата на „Change.org“, под називот „Депортирајте ја Ники Минаж во Тринидад“, собрала повеќе од 31.000 потписи за само неколку дена. Во неа се наведува дека однесувањето на раперката станало „прашање од јавен интерес“.
Минаж е родена во Тринидад и Тобаго и се преселила во Соединетите Американски Држави како дете. Во 2018 година напишала на Инстаграм дека дошла во Америка како „илегален имигрант на пет години“, а во 2024 година, за време на пренос во живо на ТикТок изјавила дека не е државјанка на САД.
„Родена сум на прекрасен остров кој се вика Тринидад и Тобаго. Но, во Соединетите Американски Држави сум веќе многу години. Би помислиле дека со милионите долари данок кој го платив на оваа земја, одамна би добила почесно државјанство“, изјавила таа тогаш.
Во петицијата се наведува дека нејзините постапки многумина ги оставиле длабоко изневерени:
„Постапките и зборовите на Ники Минаж доживеаа пресврт што многу нејзини поддржувачи, како и оние кои некогаш наоѓаа утеха во нејзината музика, ги остави со чувство на длабока изневереност“, се вели во петицијата.
„Депортацијата на Ники Минаж назад во Тринидад би послужила како потсетник дека јавните личности мора да бидат одговорни за своите зборови и за влијанието што го имаат врз различни заедници. Ова не е само пад на една личност, туку станува збор за тоа дека сите треба да се придржуваат кон стандарди на сочувство и доследност, особено кога имаат значајно влијание“, е вториот коментар.
Гафот кој е виновен за сè
За време на својот настап, Ники направи и непријатен гаф додека ги набројувала конзервативните идоли за младите мажи. Обраќајќи ѝ се на публиката, несмасно го употребила зборот „убиец“ за да го опише потпретседателот Џеј Ди Венс додека разговарала со Ерика Кирк, чиј сопруг беше убиен во септември.
„Драги млади момци, имате неверојатни идоли, како нашиот згоден и елегантен претседател. И имате неверојатни идоли како „убиецот“ Џеј Ди Венс, нашиот потпретседател – и кога тоа го велам...“ рекла 43-годишната раперкa, а потоа нагло застанала, сфаќајќи што кажала.
Се создал непријатен молк, а потоа Кирк интервенирала за да ја смири ситуацијата.
„Верувајте ми, нема ништо ново под сонцето што не сум го слушнала, така што сè е во ред“, рекла 37-годишната вдовица.
Додека Минаж изгледала видливо вознемирена, Кирк продолжила: „Мора да се смеете на тоа. Навистина, ме нарекуваа со сите можни имиња, и знаете што, Бог е толку добар, оставете тоа да ви се лизне од грбот, и токму тоа е убавината на овој момент, бидејќи ако интернетот сака да го исече тоа, кому му е гајле?“.













