Ѕвездата на божиќниот класик се враќа на големите екрани по 30 години: Ја откри причината за повлекувањето

Точка

29/12/2025

20:00

339

Големина на фонт

а а а

Џил Шолен, позната по улогата во божиќниот филм „Babes in Toyland“ од 1986 година, се враќа во Холивуд по речиси три децении пауза.

Во оригиналниот филм таа ја глумела сестрата на тогаш 11-годишната Дру Баримор, која го толкувала ликот на Лиса.

„Babes in Toyland“, кој Баримор еднаш го опишала како „опскурно ремек-дело“, во актерската екипа ги имаше и Пат Морита, познат од филмот „Karate Kid“, како и младиот Кијану Ривс, кој тогаш сè уште не беше широко познат.

Шолен сега се враќа на големите екрани. Неодамна го завршила снимањето на новиот филм „Ralph’s Perfekt Christmas“, кој премиерно ќе биде прикажан во 2026 година, а воедно го објавила и својот прв божиќен албум „Christmas Is Forever“. По повод враќањето, актерката во разговор за „Fox News“ ги открила причините за своето повлекување од Холивуд.


„Она што навистина ме наведе да се повлечам од Холивуд беше сознанието дека сум бремена со мојот најстар син, Данте. На денот кога дознав дека сум бремена, ги повикав моите агенти и им реков: „Завршив“, изјавила Шолен.

Актерката додала дека, по раѓањето на првото дете, накратко размислувала да ѝ се врати на глумата.

„Можеби три месеци откако го добив бебето, помислив дека треба да бидам отворена за враќање на работа. Ги повикав агентите и им реков: „Мислам дека сè уште сум отворена за работа“. Имав три интервјуа за работа и ги добив речиси сите“, се присетила таа.


Меѓутоа, кога стигнала до третата аудиција, почувствувала дека мора да застане. „Се сеќавам дека седев на аудиција за добра улога, која требаше да ја добијам. Помислив: „Морам да бидам дома со моето бебе“. Повторно ги повикав агентите и им реков: „Во ред, навистина завршив“, раскажала Џил.

Потоа, Шолен тивко работела зад сцената, продуцирајќи помали театарски претстави и истакна дека никогаш не зажалила за својата одлука.


„Навистина сакав да бидам мајка со полно работно време. Знам дека денес не е популарно да се каже тоа, но, како што вели поговорката: „Секому свое“. Пораснав на поинаков начин. Во 60-тите и 70-тите, повеќето мајки на моите пријатели остануваа дома. Мојата мајка не само што работеше, туку имаше и сопствен бизнис и беше претседателка на компанија. Пораснав на начин кој денес е многу почест за децата. За мене и можам да зборувам само за мене не мислам дека беше во мој најдобар интерес да растам без родители во близина“, рекла актерката, па додала: „Не сакав моите деца да бидат во таа позиција. Сакав да бидам мајка со полно работно време и родител кој е целосно присутен. Сега, откако го кажав ова, мислам дека постоеше начин двете работи да се избалансираат. Можеби не требаше целосно да престанам да работам, можеби требаше да намалам за 80% наместо за 100%. Сега ја разбирам и другата страна, откако помина времето“.


Шолен објаснила дека „Ralph’s Perfekt Christmas“ е нејзиниот прв филм по 29 години и дека токму тој ја инспирирал за нејзиниот божиќен албум „Christmas Is Forever“, на кој има и преработки и оригинална песна „Mingle and Jingle“.

„Зедов долга пауза за да ги одгледам моите деца. Откако пораснаа, помислив: „Можеби ќе се вратам на работа“. Бев воодушевена што ќе снимам божиќен албум. Помислив: „Ова е сон. Отсекогаш сакав да го направам тоа. Снимив божиќен филм, сега ќе направам божиќен албум“. И го направив тоа“, со насмевка рекла таа.

„Babes in Toyland“ премиерно беше прикажан на 19 декември 1986 година и со текот на годините стана неизбежен божиќен класик.


Џил се присетила и на Дру Баримор, која тогаш била на почетокот од кариерата, но веќе постигнала успех со филмот „E.T.“.

„Дру Баримор беше толку популарна во тоа време. „E.T.“ ми беше омилениот филм на сите времиња, заедно со „The Wizard of Oz“. Но мислам дека е природно, кога работиш со некој толку млад, да внимаваш на него како на дете. Иако дел од неа беше зрел, постоеше страна на Баримор која сè уште имаше 11, можеби дури и 10 години. Беше толку младо, слатко девојче“, рекла Шолен и додала дека Дру подоцна ѝ пружила поддршка.


„Откако го завршивме „Babes in Toyland‘, таа почна да ја поддржува претставата на која работев во Лос Анџелес. Навистина се залагаше за неа и помогна да се промовира во медиумите. Во тоа време не знаев дека и самата се борела со проблеми и дека одела на одвикнување во младоста. Се чувствував ужасно затоа што не го знаев тоа“, истакнала актерката.

Инаку, Дру претходно отворено зборувала за својата борба со зависност, која започнала кога имала 12 години.