[ВИДЕО] Ентони Хопкинс искрено за зависноста: Премногу се забавував, за малку ќе загинев

Точка

30/12/2025

08:41

726

Големина на фонт

а а а

Славниот холивудски актер и добитник на Оскар, Ентони Хопкинс, во емотивна порака објавена на Инстаграм само два дена пред својот 88-ми роденден, се присети на борбата со алкохолизмот и упати силна порака до сите кои се соочуваат со зависност.

Имено, актерот одбележа голема животна пресвртница – полни 50 години трезвеност.

„Еве нè, доаѓа уште една среќна Нова година. Многу радост, многу забава и сè тоа. Затоа навистина добро забавувајте се“, започна Хопкинс во видеото.

„Им честитам на сите вас што дочекавте уште една година. Мојот единствен проблем беше што се забавував премногу добро, бидејќи пред точно 50 години за малку ќе загинев возејќи автомобил во алкохолизирана состојба. Така беше. Но, тогаш сфатив дека премногу се забавувам. Тоа се викаше алкохолизам“, изјави актерот.


Тој потоа упати апел до сите кои се соочуваат со истиот проблем: „Значи, секој што има и најмал проблем со прекумерна консумација на алкохол, нека го провери тоа, бидејќи животот е многу подобар. Така престанав и јас. Без фалење – побарав помош и пред точно 50 години тоа беше крајот“.

Видеото го заврши со оптимистична порака.

„Изберете го животот наместо спротивното. Живот, живот, живот и уште живот. Исто така, за два дена ќе наполнам 88 години. Па можеби сум направил нешто добро, не знам“, рече низ смеа.

Хопкинс низ годините отворено зборуваше за својата борба со алкохолизмот. Во мемоарите „We Did OK, Kid“, објавени во октомври оваа година, се присети на разговор со лекар кога имал 37 години. Докторот тогаш му рекол дека резултатите од прегледите покажуваат физичка состојба на маж од 50 или дури 65 години.


„Моите сеќавања на тој период се магливи. Во текот на годините на опивање нанесов многу болка. Никогаш немав поим дека сум алкохоличар. Негирањето е најголемиот убиец“, призна Хопкинс.

Клучниот момент се случил една ноќ кога, во алкохолизирана состојба, возел низ Беверли Хилс и сфатил дека можел некого да усмрти.

„Додека доаѓав при себе, ги погледнав дрвјата еукалиптус и му се заблагодарив на Бог што таа ноќ никој не настрада. Слушнав глас кој ме праша: ‘Сакаш ли да живееш или сакаш да умреш?’. Одговорив: ‘Сакам да живеам’. Тогаш слушнав глас кој рече: ‘Сè е готово. Можеш да почнеш да живееш’. Желбата за пиење ме напушти. Беше единаесет часот, 29 декември 1975 година“, напиша тој.