Прототипот на брзиот воз со назив „CR450“, претставен во Пекинг кон крајот на 2024 година, достигна брзина од дури 450 км/ч, што значи дека светот наскоро би можел да добие нов најбрз воз во редовен комерцијален сообраќај.
Кога ќе стапи на шините, ќе го надмине кинескиот модел „CR400“, кој дебитираше во 2017 година и сообраќа со брзина од 350 км/ч.

Поминал повеќе од 2.000 тестови
Најновиот прототип „CR450“ е производ на компаниите „CRRC Changchun Railway Vehicles“ и „CRRC Sifang“, кои ја истакнуваат не само неговата брзина, туку и енергетската ефикасност, контролата на бучавата и перформансите на сопирањето.

Прототипот поминал повеќе од 2.000 тестови за да ги задоволи строгите барања за комерцијална употреба, но потребни се дополнителни испитувања и унапредувања за да се достигнат високите стандарди, пренесува „Pun Kufer“.

Претходно оваа година, во Шангај, за време на Меѓународниот саем „Import Expo-CIIE“, централниот експонат бил моделот на возот „CR450“. Поставката им овозможила на посетителите да ѕирнат во неговите оперативни карактеристики и техничкиот правец на развој, како и да добијат одговори на прашања поврзани со сопирањето, аеродинамиката и потрошувачката на енергија – клучни фактори за возење со брзини од 400 км/ч.

Алтернатива на воздушниот сообраќај
Во последната деценија, Кина стана светски лидер во развојот на железницата, градејќи илјадници километри нови пруги кои допираат до речиси секој агол на земјата.

Железничката мрежа се протега на повеќе од 160.000 километри, вклучувајќи над 46.000 километри брзи линии.

Брзите возови претставуваат еколошка и ефикасна алтернатива на кинескиот воздушен сообраќај, поврзувајќи ги големите градови со руралните подрачја. Од 1980-тите години, во нови брзи железници со голем капацитет низ Европа и Азија се вложени стотици милијарди долари, иницирани од јапонскиот „Shinkansen“ и францускиот „Train à Grande Vitesse (TGV)“.












