Дали автоматските менувачи навистина се подобри од рачните? Еве што е клучно за долготрајноста и квалитетот

Точка

25/12/2025

14:27

748

Големина на фонт

а а а

Автоматските менувачи стануваат сè попопуларни поради удобноста, но нивната долготрајност зависи од правилната употреба и одржување, додека рачните се поедноставни и често поиздржливи.

Автоматските менувачи сè почесто се вградуваат во новите автомобили, а се сè побарани и кај половните возила. При купување автомобил, еден од главните фактори што влијае врз одлуката е долготрајноста, па логично се поставува прашањето: дали е поиздржлив рачниот или автоматскиот менувач?

Одговорот на возачите кои користат автоматик најчесто е ист: кој еднаш ќе проба автоматски менувач, на рачен повеќе не се враќа. Тоа е факт што ретко кој може да го оспори, особено кога станува збор за премиум модели. Сепак, проблемот настанува доколку дојде до дефект…


Автомобилите со рачен менувач долго време беа префериран избор во Европа. Тие се проектирани да траат во текот на целиот животен век на возилото, кој кај повеќето современи модели лесно надминува најмалку 300.000 километри. Изминатите растојанија, кои вклучуваат стотици илјади, па дури и милиони промени на брзини, зависат и од тоа дали автомобилот повеќе се вози на отворен пат или во градски услови. Искусен возач кој правилно ги користи спојката и менувачот може значително да го продолжи нивниот работен век.

Од друга страна, неправилната употреба може да доведе до предвремено абење на спојката и на другите компоненти.


Сепак, рачното менување брзини станува сè поретко. Се намалува и бројот на модели што можат да се нарачаат со рачен менувач, а на овој тренд влијае и сè поголемата електрификација на погоните. Ако се гледа по сегменти, луксузните возила веќе денес се сто проценти автоматизирани, а слична е ситуацијата и кај SUV и теренските возила.

Со автоматски менувач, удобноста при возење е значително поголема, а поради масовното производство, и цените станаа пониски. Иако до неодамна автоматските менувачи се поврзуваа со поголема потрошувачка на гориво, денес тие вообичаено имаат 7, 8 или 9 степени на пренос, што овозможува и економично возење. Генерално, современите автоматски менувачи се дизајнирани да бидат многу издржливи, но нивната механичка сложеност може да ги направи почувствителни на дефекти доколку не се одржуваат правилно. Од друга страна, автомобилите со рачен менувач најчесто се поиздржливи поради нивната механичка едноставност.


Сепак, тоа не значи дека автоматските менувачи се помалку сигурни. Современите автоматски менувачи се значително унапредени кога станува збор за издржливост и доверливост.

Без разлика кој тип на менувач го преферирате, клучот за долготрајноста е правилната употреба и редовното одржување. Автоматските менувачи бараат специјализирано одржување што не го извршуваат сите механичари, како замена на масло и дополнителни проверки. Рачните менувачи исто така бараат одржување, но тоа најчесто е поевтино и поретко. Она што не може да се знае при купување половен автомобил е во која мера претходните сопственици воделе грижа за менувачот и колку бил изложен на прекумерно трошење.