Во срцето на рурална Франција, каде што автомобилот и натаму е незаменлив дел од секојдневието, една мала заедница реши да го преиспита својот однос кон лимениот миленик.
Во француското село Понт-Де-Баре, кое брои едвај околу 300 жители на југоистокот од земјата, триесетина соседи започнаа едноставна, но револуционерна иницијатива – делат еден единствен автомобил, пишува „El Pais“, пренесува „Index“.
Проектот, што го иницираа самите мештани, се темели на меѓусебна помош, доверба и одржливост.
Избраното возило е ветеран „Citroën ZX“, кој од приватна сопственост прераснал во заеднички ресурс.

Зад сè не стои ниту една компанија ниту дигитална платформа, туку само група соседи организирани со цел да ги намалат трошоците и зависноста од личен автомобил. Системот функционира изненадувачки едноставно.
Корисниците плаќаат 25 центи по изминат километар, а таа сума ги покрива исклучиво трошоците за гориво, одржување и поправки.
Нема фиксни надоместоци ниту комплицирани резервации. Клучевите од автомобилот се чуваат во селскиот бар, кој станал неформален центар на операцијата и симбол на колективниот дух.

Еколошка и општествена корист
Освен очигледните економски заштеди, кои се особено важни во време на високи цени на горивата, иницијативата има и силна еколошка компонента.
Делењето возило го намалува бројот на автомобили во сообраќајот, а со тоа и емисиите на штетни гасови, што е клучно во руралните подрачја каде што јавниот превоз често е недостапен.
Но, влијанието на овој проект ја надминува економијата и екологијата. Иницијаторите нагласуваат дека заедничкиот автомобил ги зајакнал општествените врски во селото.
Делењето нешто толку лично како автомобилот поттикнува координација, разговор и доверба, обновувајќи го чувството на заедништво кое со годините било изгубено.










