Британскиот боксер Ентони Џошуа е полесно повреден во денешната сообраќајна несреќа што се случи во Нигерија, а двајцата мажи кои загинаа биле негови блиски пријатели и долгогодишни соработници.
Станува збор за членови на најтесниот тим, Сина и Лац, со кои само неколку часа претходно допатувал во африканската држава.
Сина Гами (Sina Evolve) бил негов кондиционен тренер, задолжен за сила и физичка подготовка и со него работел во пресрет на последните подготовки за неодамнешната борба со Џејк Пол.
Лац (Kevin Latif Ayodele) му бил личен тренер на Џошуа, но и еден од неговите најдобри пријатели кој секојдневно бил покрај него и на тренинзите и надвор од рингот.
Блиските соработници истакнуваат дека и двајцата биле дел од неговата најтесна екипа, пријатели на кои со години се потпирал.
Само неколку часа пред несреќата Лац објавил Инстаграм приказна од аеродромот, каде што се качиле во возилата што требало да ги однесат на планираната локација.
Џошуа засега не се огласил официјално, но нема сомнеж дека е длабоко потресен од загубата на двајцата луѓе кои имале голема улога во неговата кариера и приватен живот.
Инаку тешката сообраќајка се случила околу 11 часот по локално време, кога џипот Лексус со кој патувал Џошуа, удрил во камион, кој не се движел во моментот на несреќата. Боксерот бил еден од четворицата патници во возилото, седел на задното седиште, додека неговото обезбедување патувало со друго возило зад него. Сообраќајната полиција верува дека Лексусот на Џошуа се движел со поголема брзина од пропишаниот лимит и возачот ја изгубил контролата во текот на маневар за претекнување пред да се удри во неподвижниот камион.











