Долгонајавуваниот егзибициски натпревар во Дубаи, наречен нова „Битка на половите“, заврши со победа на Ник Кирјос, „лошото момче“ на светскиот тенис, над првата тенисерка во светот, Арина Сабаленка.
На теренот на „Кока-Кола Арената“, Ник Кирјос, тенисер кој поради повреди падна на 671. место на АТП-листата и одигра само неколку натпревари во последните две години, победи убедливо со 6-3, 6-3. Иако од самиот почеток тешко дишеше и се потеше, неговата сила и талент беа премногу за Сабаленка.

Натпреварот беше проткаен со ревијални тонови, од сервисите на Кирјос „под рака“ до танцовиот интермецо на Сабаленка, која за време на една пауза заигра на „Макарена“ за да ја забави публиката.

За да биде дуелот „порамноправен“, организаторите вовеле модифицирани правила. Теренот на страната на Сабаленка бил намален за девет отсто, но далеку поконтроверзна беше одлуката двајцата играчи да имаат право на само еден сервис. Критичарите веднаш истакнаа дека ова правило му одело во прилог токму на Кириос, чиј разорен прв сервис и онака е тешко да се врати, додека на Сабаленка ѝ ја одзело можноста за поправка и ја ставило под дополнителен притисок.

Реакциите од тенискиот свет беа претежно негативни. Многумина натпреварот го прогласија за бесмислен и штетен, истакнувајќи дека го тривијализира женскиот тенис и непотребно поттикнува споредби што немаат спортска основа. Беа повлечени паралели со оригиналната „Битка на половите“ од 1973 година, кога победата на Били Џин Кинг над Боби Ригс имала огромно општествено и културно значење. Самата Кинг се оградила од овој настан, изјавувајќи дека единствената сличност е тоа што играат маж и жена, но дека нивниот натпревар немал никаква подлабока порака.

Критиките пристигнуваа од сите страни – од тениските пуристи згрозени од циркуските елементи, до оние кои сметаа дека настанот само ги храни мизогините наративи за инфериорноста на женскиот спорт.
Атмосферата во распродадената сала беше опишана како „безживотна“ и „корпоративна“, а впечатокот дополнително го расипал прекинот среде првиот сет за да се најави доаѓањето на бразилските фудбалски легенди Кака и Роналдо. Како сето тоа да не беше доволно, преносот на Би-би-си беше обележан со технички проблеми, со прекини на сликата и десинхронизиран звук, што целото искуство го направи уште побизарно.


И покрај сè, играчите по натпреварот изразија задоволство. „Искрено, тоа беше многу тежок натпревар. Таа е пеколна натпреварувачка“, изјави Кирјос. Сабаленка додаде дека се борела одлично и дека за евентуален реванш сега ја научила неговата тактика. Двајцата најавија можност за реванш, но прашање е дали тенискиот свет навистина сака да го види тоа.
На крај, „Битката на половите“ во Дубаи ќе остане запаметена не по тенисот, туку како скап и блескав настан што ја утнал својата цел. Наместо да привлече нова публика, успеал да отуѓи голем дел од постојната. Тоа беше натпревар за кој многу се зборуваше, но кој на теренот не понуди речиси ништо вредно за паметење.











