Сигурдсон откако ја победи Македонија со невиден состав: Сега имам појасна слика

Дерби

29/12/2025

11:59

297

Големина на фонт

а а а

Хрватска со подмладен состав успеа да ја победи Македонија во Пореч на првиот тест за двете репрезентации во пресрет на Европското првенство кое следи, а фактот што „коцкестите“ победија со играчи кои воглавно играат во домашното првенство е добар знак за ширината на ростерот со кој располага Дагур Сигурдсон.

Селекторот на Хрватска им даде одмор на 90 проценти од клучните играчи и против Македонија настапи со тим кој досега никогаш не играл заедно, меѓутоа и во такви услови, домаќините успеаја да победат со резултат 26:23.

Кирил Лазаров сигурно ќе бара корекции од своите играчи за вчерашното издание кое донесе и жар и борба, но од друга страна, доста помирен треба да биде Сигурдсон кој дозна дека може да бира и од младите играчи кои воглавно настапуваат во хрватското првенство.

– Ова беше добар натпревар за нас, покажавме срце против Македонија. Свесен сум дека имаше и доста грешки на двете страни, но таква работа е очекувана во оваа фаза од подготовките, но и поради составот кој го имавме. Покажавме многу добри работи, а тоа е навистина важно. Со вакви партии покажуваме дека ни се шири ростерот за во иднина, имаме појасна слика за тоа на кого можеме да сметаме. Има доста интересни играчи кои можат да ни бидат од помош.

– Се уште немам одлучено кои играчи ќе одат на завршни подготовки. Сега ќе имаме одмор до 2-ри јануари, потоа ќе се собереме и во наредните три четири дена ќе одлучиме кои играчи ќе патуваат на Европско првенство. Ќе треба да ја видиме ситуацијата со повредите и со останатите кои ќе ни се приклучат. Мене ме радува тоа што момците кои ги почнаа подготовките покажаа желба и страст, се бореа за секоја топка против Македонија и на крајот заслужено се наградени со победа, – изјави Сигурдсон.