[ФОТО] Црква преуредена во теретана предизвика „бура“ во европска земја: Справите за вежбање и теренот за падел ги замениле олтарот и клупите

Точка

27/12/2025

20:39

409

Големина на фонт

а а а

Кога би требало да ги издвоите некои од најубавите цркви во Европа, за кои би се одлучиле? Нам прво нѝ паѓаат на ум Саграда Фамилија во Барселона, базиликата Свети Петар во Ватикан, катедралата Дуомо ди Милано, Нотр Дам во Париз, базиликата Свети Марко во Венеција…

Кандидати има премногу, а во тоа море од сакрални убавици, постои една која, верувале или не е претворена во спортски центар.


Станува збор за црквата Свети Јосиф во градот Арнем, на истокот од Холандија, која верниците последен пат ја користеле во 2005 година, пишува „putnikofer.hr“.

Целиот комплекс датира од 1920-тите, а црковната камбанарија никогаш не била изградена

Оваа импресивна градба датира од 1929 година, а првично се состоела од манастир, парохиски дом, училиште и пасторат, што било типичен католички комплекс од 1920-тите. Самата црква од 2011 година служела како сала за скејтбординг, а денес во неа се наоѓаат теретана и терени за падел — сè попопуларен спорт што комбинира елементи од тенисот и сквошот, а се игра на терен ограден со стаклени прегради и метална ограда.


Римокатоличката црква посветена на св. Јосиф се наоѓа во близина на работничката населба Гајтенкамп, а ја проектирал Хендрикус Корнелис Марија ван Берс. Станува збор за тробродна базилика со голем влезен портал и рамно, затворено светилиште, преполна со неоготски форми и експресионистички детали, кои најмногу се забележуваат во употребата на бои и материјали. Црковната камбанарија никогаш не била изградена.

Екстериерот и внатрешноста на оваа црква до ден-денешен останале добро сочувани

Творецот на оваа црква, Хендрикус Корнелис Марија ван Берс, градел и обновувал католички цркви во Хенгело, Беркел ен Роденрајс, Бемел, Амстелвен и Ротердам, а неговиот последен проект била црквата „Безгрешното Срце на Марија“ во местото Флеринген. Загинал во јануари 1964 година во сообраќајна несреќа во Зајст. Имал 73 години.


Црквата „Свети Јосиф“ (или Sint-Jozefkerk на холандски) денес се користи исклучиво за спортски намени и важи за редок пример на монашка архитектура од втората четвртина на 20. век. И екстериерот и внатрешноста на оваа сакрална убавица останале добро зачувани, а целата зграда има значајна архитектонска и културно-историска вредност.

Според некои планови, црквата требала да се претвори во супермаркет

Како што веќе рековме, црквата била затворена во 2005 година, а холандските медиуми тоа го припишале на падот на бројот на верници, поради што и одржувањето на целата градба станало премногу тешко. На почетокот од 2020-тите почнало да се дискутира за нови урбанистички промени, а некои планови вклучувале и претворање на објектот во супермаркет.


Имено, Мајкл Јансен, сопственик на една продавница во Арнем, во септември 2020 година изразил интерес да отвори нова филијала токму во зградата на црквата „Свети Јосиф“, во која, како што открил, некогаш бил и министрант. Но неговите планови никогаш не се реализирале, па денес во црквата функционира спортски центар, кој носи малку бизарно име – „Holy Fit“.


Додека некои протестираат, други велат: „Барем не дозволиле да пропадне“

Секако, мислењата за нејзината намена се длабоко поделени.


Дел од холандската јавност смета дека ваквата одлука е рамна на светогрдие, но има и такви на кои не им пречи што во римокатоличка црква сега се „пумпаат“ мускули. „Барем не дозволиле целосно да пропадне“, заклучуваат. А што мислите вие?