Што се случува со телото по користење таблети за слабеење? Две жени ги споделуваат своите искуства

Точка

26/12/2025

15:19

360

Големина на фонт

а а а

Лековите што го имитираат „GLP-1“, природен хормон кој го регулира чувството на глад, предизвикаа вистинска револуција – благодарение на нив, многу луѓе кои со години се бореле со вишок килограми добија нова димензија на контрола врз апетитот и исхраната.

Популарните лекови за слабеење земаа замав ширум светот и на многумина им донесоа извонредни резултати – губење на килограми, нов однос кон храната и чувство на самодоверба. Меѓутоа, прекинот на терапијата ја открива и другата страна на приказната.

За тоа што точно се случува кога ќе дојде моментот да се прекине со нив, науката сè уште е во фаза на откривање, додека личните искуства претставуваат посебна приказна.

Инјекциите за слабеење, односно „GLP-1“ лековите, на многумина им го донесоа она што диетите никогаш не успеале. Постојаниот внатрешен сигнал што ги поттикнува луѓето да јадат дури и кога се веќе сити – едноставно е исклучен. Овие лекови им овозможија на луѓе кои никогаш не верувале дека можат да ослабат да добијат нов облик на телото, нова перспектива и, во многу случаи, сосема поинаков живот.


Станува збор за релативно нови лекови што го имитираат „GLP-1“, природен хормон кој ја регулира гладта, а потенцијалните долгорочни несакани ефекти дури сега почнуваат да излегуваат на виделина. Две жени, со различни животни приказни, но со иста цел – да ослабат и да ја задржат постигнатата тежина – ги споделија своите искуства за „BBC“.

Несакани ефекти

Тања Хол започнала да го користи „Wegovy“ за да ослабе и по завршувањето на терапијата изгубила 38 килограми. Забележала дека луѓето почнале да се однесуваат кон неа со поголема почит, но истовремено имала бројни несакани ефекти – мачнина, несоница, главоболки и опаѓање на косата. Иако повеќепати се обидела да го прекине лекот, секој пат многу брзо ѝ се враќал силниот нагон за храна. Лекарите предупредуваат дека наглиот прекин на терапијата често доведува до брзо враќање на апетитот и килограмите, при што во рок од една до три години се враќаат дури 60–80 проценти од изгубената тежина.

Производителот на „Wegovy“, компанијата „Novo Nordisk“, соопшти дека одлуките за лекување треба да се донесуваат во соработка со здравствен работник и дека „несаканите ефекти треба да се земат предвид како дел од тој процес“.


Елен Огли ја започнала терапијата со лекот „Mounjaro“ по животна пресвртница и сериозни здравствени ризици предизвикани од дебелината. Лекот ѝ го „исклучил“ емоционалното прејадување и ѝ овозможил да го промени односот кон храната, да усвои поздрав начин на исхрана и повеќе да вежба, што довело до губење на околу 22 килограми. Сепак, по прекинот на терапијата забележала постепено враќање на тежината, што претставувало значителен психички товар.

Затоа експертите нагласуваат дека поддршката по прекинот на терапијата е клучна. Фактори како начинот на живот, споменатата поддршка, начинот на размислување и моментот во кој терапијата се прекинува имаат големо влијание врз тоа како ќе изгледа животот по „GLP-1“ лековите.