Стручњак за невронаука открива утринска рутина која природно го зголемува допаминот и го подобрува расположението

Точка

26/12/2025

13:16

437

Големина на фонт

а а а

Начинот на кој го започнуваме утрото има далеку поголемо влијание врз нашето расположение отколку што често сме свесни. Првиот час по будењето може да одреди дали денот ќе помине во нервоза, замор и расеаност или во смиреност, мотивација и ментална стабилност. Клучот, велат стручњаците, често се крие во еден важен невротрансмитер – допаминот, пишува „Е-клиника“.

Допаминот честопати погрешно се нарекува „хормон на среќата“, но неговата улога во мозокот е многу посложена. Тој не е одговорен само за доброто расположение, туку и за мотивацијата, учењето, создавањето навики и чувството на смисла. Токму затоа, утринските навики што го поттикнуваат неговото природно лачење можат да имаат долгорочен позитивен ефект врз менталното здравје.


Стручњакот за невронаука Маја Совијеро, која работела на истражувања во престижни институции, открива како изгледа нејзината утринска рутина и зошто токму таа е важна за здрав допамински систем.

Што е допаминот и зошто е толку важен?

„Допаминот е невротрансмитер – хемиска супстанција што ја ослободуваат мозочните клетки, а неговата основна улога е поврзана со мотивацијата, учењето и повторувањето на однесувањето“, објаснува Совијеро.

Со други зборови, допаминот му помага на мозокот да препознае кои активности имаат смисла, кои нè наградуваат и кои вреди да се повторуваат. Тој има клучна улога во создавањето здрави навики, но и во развојот на зависности, доколку се стимулира на погрешен начин.

Таа предупредува и на една честа заблуда: „Допаминот не треба постојано да биде висок. Нашите невротрансмитери природно осцилираат и тоа е здраво. Целта е функционален, избалансиран допамински систем, а не постојана стимулација“.

Утринска рутина што го поддржува здравиот допамински систем

Според Совијеро, квалитетното утро всушност започнува уште претходната вечер, со добар сон. Но, она што го правиме веднаш по будењето има особено значење.


1. Природна светлина како сигнал за мозокот дека денот започнал

Првата навика е изложување на природна светлина веднаш по будењето.

„Отворањето на завесите или ролетните и неколку минути сончева светлина на лицето наутро докажано помагаат во намалување на симптомите на депресија, особено кај сезонското афективно нарушување“, вели таа.

Сонцето директно влијае врз делот од мозокот задолжен за циркадниот ритам – внатрешниот биолошки часовник. Според податоци на Harvard Health Publishing, недостигот од дневна светлина може да доведе до зголемено лачење мелатонин (хормонот на сонот) и намалено лачење серотонин – невротрансмитер важен за расположението.

Резултатот е чувство на тежина, безволност и пад на енергијата. Само неколку минути утринска светлина можат да му помогнат на мозокот да се „ресетира“ и да го започне денот во подобар баланс.

2. Мала ментална победа што го активира допаминот

Вториот чекор е едноставен, но исклучително ефикасен – решавање судоку или слична мозгалица.

„Тоа е мал, но смислен предизвик што дава чувство на постигнување. Допаминот се лачи кога ќе доживееме нешто позитивно и неочекувано, а решавањето загатки токму тоа го овозможува“, објаснува Совијеро.

Мозокот има систем за наградување што се активира кога ќе надминеме очекување – преку учење нови вештини, решавање проблеми или успешно совладување предизвик.


„Еволутивно, тежнееме кон цели затоа што мозокот нè наградува со чувство на задоволство. Затоа мозгалиците, крстозборите и логичките игри се одличен начин денот да започне ментално активно, но без стрес“, додава таа.

3. Една порака што ја менува хемијата на мозокот

Третата навика можеби звучи банално, но има силен ефект, е јавување на драга личност.

Секое утро Совијеро испраќа порака до пријател или пријателка со едноставно прашање: „Добро утро, како си денес?“.

„Луѓето се биолошки создадени за поврзување. Кога остваруваме социјален контакт, мозокот реагира позитивно, затоа што тоа е во согласност со нашата природа“, вели таа.

Недостатокот од блиски социјални односи не е само емоционален проблем. Според податоци на американскиот Центар за контрола и превенција од болести, социјалната изолација и чувството на осаменост се поврзани со зголемен ризик од срцеви заболувања, деменција, депресија и други хронични состојби.


„Поврзувањето со другите е здраво не само за мозокот, туку и за целото тело“, нагласува Совијеро.

Оваа утринска рутина не бара многу време, пари или посебни подготовки. Нема строги правила, апликации или притисок да се биде совршен. Суштината е во малите, свесни активности што му испраќаат на мозокот порака на сигурност, смисла и поврзаност.